1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Стрес-тест“ за европските банки

15 јули 2011

До вечер (петок, 15.07.), откако ќе бидат затворени берзите, ќе бидат објавени резултатите од т.н. стрес-тест на европските банки.

https://p.dw.com/p/11vKY
Финансискиот центар на Европа, Франкфурт на МајнаФотографија: dapd

Министрите за финансии од еврозоната беа информирани за резултатите во вторникот, зад затворени врати. Притоа, тестот и неговите организатори мораат овој пат да се борат за враќање на довербата, бидејќи на минатиот тест добри оценки добија и дел од ирските банки, кои само неколку недели подоцна ја доведоа државата на работ на финансиски колапс.

Новата европска институција за надзор на банките, ЕБА, не сака никој да ја смета за несериозна. Затоа таа ги заостри критериумите за вториот стрес-тест на банките. ЕБА ги зеде како основа за анализа бројките на 91 европска банка од 31 декември 2010 година. Главниот критериум за изборот на банките притоа беше да покриваат најмалку 50% од националниот финансиски пазар. На секоја од банките им било зададено да го проверат деловниот биланс според две сценарија. Едното е, какви се перспективите на банката за наредните две години доколку се оствари оптимистичката прогноза на Европската комисија. А второто, што доколку дојде до драматичен негативен развој:

Deutsche Bank Zwillingstürme Frankfurt
Централата на Дојче банк во ФранкфуртФотографија: picture alliance

„Значи добивам сценарио и морам да видам како ќе се менуваат бројките во моето книговодство, ако се случи ова сценарио“, појаснува Ханс-Петер Бургхоф, професор по банкарство при Универзитетот во Хоенхајм.

Финансиска „Фукушима“

Второто сценарио е навистина катаклизмично. Во него се предвидува намалување на европскиот бруто-производ за 4%, опаѓање на вредноста на акциите за 15%, зголемување на стапката на невработеност за 10% и загуби на пазарот на недвижнини од 10%. На крајот на сеопфатната проверка треба секоја од банките подложени на стрес-тестот да види дали и’ останува сопствен капитал од најмалку 5% или не. Овој пат дефиницијата на тоа што се смета за сопствен капитал е исто така построга.

Што ќе се случи ако некоја банка не го положи испитот?

„За почеток ништо! Бидејќи банките и онака се придржуваат до регулаторните стандарди. Но, доколку не го положат тестот, тоа би претставувал негативен знак на предупредување и повик нешто да преземат во догледно време за да не ја загубат довербата на финансиските пазари. Во принцип тоа значи да го зголемат сопствениот капитал“, појаснува професорот Бургхоф.

Bank von England
Седиштето на "Bank of England" во ЛондонФотографија: picture-alliance / dpa

А ако дојде до банкрот на Грција?

Раководството на банките подложени на стрес-тестот мора да одговори на голем број прашања содржани на формулар од 10 страни. На цели четири страни им беа поставени прашања за тоа чии државни обврзници поседуваат и тоа како според вкупниот износ, така и според роковите за отплата.

Весникот „Фајненшел тајмс Дојчланд“ информира од доверливи извори дека на банките им било поставено прашањето: што ќе се случи со нив доколку дојде до потполно обезвреднување на грчките државни обврзници? Таквото сценарио би било мала сензација, бидејќи официјално Брисел не спомнува можност за банкрот на Грција.

Експертот Бургхоф смета дека резултатите од вториот стрес-тест на европските банки ќе предизвика повторно бурни реакции во јавноста, иако неговата првична намена беше да ја врати довербата на граѓаните во банкарскиот сектор. Времињата меѓутоа се менуваат, нагласува Ханс-Петер Бургхоф од Универзитетот во Хоенхајм:

„Идејата преку стрес-тестот на луѓето да им се порача дека се’ е во ред ја сметам за наивна. Во моментов никој не верува во такво нешто!“

Автор: Ролф Венкел / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски