1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот од напади ги засенува новогодишните забави

Е.М. Фиданоска /дпа/афп/миа31 декември 2015

Опасноста од нови исламистички напади е надвисната како Демоклев меч над европските метрополи. Мерките за безбедност се зајакнати насекаде. Во Брисел прославите се откажани во последен момент.

https://p.dw.com/p/1HWTw
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Triboullard

Многу полиција и стриктни контроли - така европските метрополи се подготвуваат за прославите на Нова година. Заканата од тероризам е општа, но сепак се преземаат засилени безбедносни мерки. Во Франција, и онака силните мерки на безбедност воведени по нападите во Париз, сега се уште повеќе зајакнати. И во Берлин, новогодишната забава на отворено, каде традиционално доаѓаат стотици илјади луѓе, вечерва ќе биде во знакот на засилени контроли. Конкретни информации за можни исламистички напади нема, нагласува германската полиција. Сепак, за чување на безбедноста се ангажирани повеќе полицајци и редари отколку лани. Забрането е носење големи торби и чанти, а сите лица кои влегуваат во т.н. зона за забава ќе бидат контролирани.

Во Брисел прославите на отворено и традиционалниот огномет се откажани во последен момент. „Подобро е да не се ризикува“, вели градоначалникот Иван Мајер. Безбедносните служби откриле планови за напади кои требало да бидат извршени на повеќе „симболични места“ во Брисел, тврди белгиското обвинителство.

Во центарот на Лондон на улиците патролираат околу 3000 полицајци, но се нагласува: „Нашите планови се чисти мерки на претпазливост и не се резултат на некакви конкретни информации од тајните служби“.

Во Италија вечерва ќе бидат ангажирани повеќе полицајци од вообичаено, соопшто портпарол на полицијата во Рим. На најголемата забава за дочек на Новата година во Рим, сите присутни (а се очекуваат илјадници луѓе), ќе бидат контролирани со детектори на метал.

Првпат во историјата ќе се контролира и влезот на главниот плоштад во Мадрид. Црвениот плоштад во Москва, пак, е затворен за посетители, освен за оние кои имаат купено карти за концертот кој вечерва ќе се одржува на плоштадот и ќе биде пренесуван на телевизија.

Во Њујорк, освен полиција на улиците, во акција вечерва ќе бидат и хеликоптери кои ќе го надгледуваат целиот простор, ќе има дополнителни видео-камери, а ќе се користат и детектори за хемиски и нуклеарни материјали.

Турската полиција уапси двајца осомничени приврзаници на Исламска држава, кои, како што се вели, планирале самоубиствени напади во Анкара на новогодишната ноќ.

Belgien Brüssel Feuerwerk abgesagt
Забавите на отворено и огнометот во Брисел се откажани во последен момент поради опасност од нападиФотографија: Reuters/F. Lenoir

И во Македонија зајакнати мерки за безбедност

Македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека по повод новогодишните и божикни празници, кога се очекува зголемена раздвиженост на граѓаните и одржување на јавни собири и манифестации, а со цел обезбедување поволна безбедносна состојба, презема зајакнати мерки и активности по претходно изготвени планови. Во однос на сообраќајот, се информира дека од страна на организаторите на посочените манифестации не се доставени никакви барања за какви било ограничувања или пак затворање на одредени сообраќајници, односно тој ќе се одвива тековно и без никакви ограничувања. Од МВР апелираат до граѓаните во текот на прославите на претстојните празници да се воздржат од прекумерна употреба на алкохол, да не управуваат возила под дејство на алкохол, како и воздржување од употреба на огнено оружје, петарди и други пиротехнички средства.