1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот на Германците од „доселување од сиромаштија“

Џенифер Францек / Александра Трајковска 5 јануари 2014

Германија се вбројува меѓу ЕУ-земјите, кои максимално можно го ограничија пристапот до пазарот на трудот за Романците и Бугарите. Зошто другите држави се поотворени?

https://p.dw.com/p/1AkkF
Фотографија: imago/Xinhua

Едно од основните права на граѓаните на ЕУ е да можат да бараат вработување во која земја сакаат. Со влезот во Европската унија една држава се стекнува со правото за слобода на пазарот на трудот - меѓутоа не веднаш во целосен опсег. Имено, другите земји имаат право да го ограничат пристапот до пазарот на трудот за еден преоден период, кој максимално може да трае седум години. Во случајот со Бугарија и Романија, кои пристапија во ЕУ во 2007 година, оваа можност ја искористија девет држави, меѓу кои Германија и Велика Британија.

Од 31. декември 2013 година ова ограничување веќе не постои, по што во Германија веднаш се разгоре дебатата за построги правила за доселениците, која ја поттикна Христијанско-социјалната унија. Се предупредува од „доселување поради сиромаштија“. Пред неколку недели слично се произнесе и британскиот премиер Дејвид Камерон. Тој стравува од „туризам за стекнување на социјални услуги“.

Одбрана и страв

Германската дебата се води во знакот на одбрана и страв, вели директорот на Институтот за истражување на миграцијата и интеркултурни студии на универзитетот во Оснабрик, Андреас Пот. Во споредба со другите земји, овде недостасува опуштеност во односот со миграцијата, вели Пот за ДВ.

Во Шпанија, која според ОЕЦД во периодот од 2007 до 2011 година регистрираше околу 51.000 бугарски и 327.000 романски доселеници и каде квотата на невработенсот е висока, вакви дебати не се водат. Исто така ги нема ниту во Италија, која ограничувањето за двете земји го укина во 2012 година и каде во изминатата декада секој четврти доселеник беше Романец. Спротивно на тоа, во Германија - со квота на невработеност од околу пет проценти и 68.000 бугарски и 107.000 романски доселеници, се води ваква дебата. Зошто?

Една од причините би можела да биде тоа што меѓу Романците и Италијанците или Шпанците, врз основа на јазичното сродство, постои потесна врска отколку, на пример, меѓу Романците и Германците. Но, поголемо значење има тоа што прашањето е поакутно за економски силните отколку за економски послабите земји. „Во Италија и Шпанија во моментов е многу тешко да се добие вработување. Каде што нема работа, има и помала работна миграција“, вели експертот за миграција од ОЕЦД Томас Либиг. Во Германија напротив се бара работна сила.

Symbolbild Armutsmigration Europa
Недозволиво мешање: дебата за работната миграцијаФотографија: imago/epd

Дали една земја ќе се одлучи веднаш да го отвори пазарот на трудот или ќе воведе ограничувања зависи и од географската положба.

„При бранот проширување во 2004 година, на примиер, Германија и Австрија, односно земјите кои непосредно граничат со новите ЕУ-држави, подолго го ограничија пазарот на трудот“, вели Либиг. Во 2004 година кон ЕУ пристапија Естонија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Чешка, Словенија, Унгарија и Кипар.

Тогаш во Германија се водеше слична дебата - иако таа не беше поврзана со предупредување од „доселување поради сиромаштија“. Но, недозволиво е мешање. Слободниот пристап до пазарот на трудот не треба да се поистоветува со слободен пристап до социјалните системи. Слободниот пристап до пазарите на трудот утврдува само дека некој може три месеци да престојува во некоја земја и да бара работа. Право на социјална поддршка, според ЕУ одредбите - нема. Дали и под кои услови една земја воопшто ќе дозволи социјална помош зависи од самата земја.

Профитира пазарот на трудот

Иако Романија и Бугарија, во однос на целокупното население, се вбројуваат меѓу Европејците кои се најрасположени за миграција, според многумина експерти нема да има голем бран на доселување во Германија или Австрија. Исто толку малку колку што имаше во 2011 година, кога германскиот пазар на трудот се отвори, меѓу другите, и за Полјаците. Во тој период многумина образовани Полјаци си бараа работа во други земји. Според мислењето на Андреас Пот, Германија тука испушти шанса да привлече стручна сила во земјата.

Thomas Liebig OECD
Томас Либиг, експерт за миграција од ОЕЦДФотографија: privat

„Ограничувањата на Германија за работниците од Полска доведоа до тоа многумина квалификувани Полјаци, кои ќе му беа потребни на германскиот пазар на трудот, да заминат во Велика Британија“, вели овој експерт за миграција.

Од друга страна, подвлекува Либиг од ОЕЦД, Германија во 2004 година тукушто ги заврши социјалните реформи и засилено се обидуваше да отвори работни места за оние мигранти кои веќе беа во земјата. „Тоа добро успеа, сега се отвора за нови доселувања“. Тој е убеден дека со одредбата за слободен пристап до пазарот на трудот на крајот сите добиваат. Луѓето одат таму каде има потреба од работна сила, и од тоа профитира целиот европски пазар на трудот.