1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стартува 62 – то Берлинале!

8 февруари 2012

На фестивалот ќе бидат прикажани 395 филмови, а за „мечките“ атакуваат 18 светски премиери. Македонија претставена со повеќе автори

https://p.dw.com/p/13yff
Подздамер плац во знак на фестивалотФотографија: DW

Историски спектакли, раскошни костими, мечеви и мистичност се белегот на годинашното 62-ро Берлинале кое остана доследно на својата определба: да им отстапи простор на не многу познати режисерки имиња и да ги поддржи специфичните уметнички изрази. Во конкуренцијата за златната и сребрените мечки годинава се 18 светски премиери, а уште пет филма ќе бидат прикажани надвор од конкуренцијата.

За кого Златната мечка?

Дека историските теми годинава се „ин“ покажува и првиот филм со кој фестивалот ќе биде отворен: „Збогум моја кралице“ на францускиот режисер Беноа Жако во кој улогата на Марија Антоанета ја игра миленичката на берлинската публика Дијане Кругер. Раскош зачинет со љубовни сцени и емоции во голема доза ќе има и во данскиот „ Кралска афера“ на Николај Арсел, а уште еден историски кам-бек нуди и британскиот „Бел ами“ , режисерско деби на дуото Деклен Донелан и Ник Ормерод во кој дејствието го носат Роберт Патисон, Ума Турман, Кристин Скот Томас. И да не биде се’ во времето на аристократијата, се погрижија италијанските браќа Паоло и Виторио Тавиани кои со „Цезар мора да умре“ во свој стил потсетуваат на големиот римски владетел.
Мечевите и мистичноста на Далечниот исток во главната програма на Берлиналето ја презентираат хонгконгшкиот „Летечки мечеви од портата на змејот“ на Харк Тсуи и „Цвекиња на војната“ на Чанг Јимоу и обата надвор од конкуренцијата.
Со оглед што Берлиналето традиционално е место каде своја ниша има политичкиот филм и годинава овој фестивалски белег не е заобиколен. Во оваа група филмови кои се занимаваат со тероризмот се грчкиот „Метеора“ на Спирос Статолопулос и француската копродукција „Заробен“ на Бриљанте Мендоза. Берлинчани особено се радуваат на германскиот придонес во главната конкуренција кој годинава ја „покриваат“ Кристијан Пецолд со „Барбара“ во која Нина Хос ја толкува логата на лекарка во времето на ДДР и „Што останува“ на Ханс-Кристијан Шмид, сторија за распаѓањето на едно семејство со Нина Хос во главната ролја.
Меѓународното жири кое треба да ги подели златната и сребрените мечки го предводи режисерот Мајк Ли, а до него се неговите колеги минатогодишниот лауреат – Азгар Фаради и Франсоа Озон, актерите Шарлот Гензбург, Џејк Гиленхал, Барбара Сукова и алжирскиот писател Баулем Сансал.

Добра презентација на македонскиот филм

За Македонците кои живеат во Берлин, годинашниот фестивал е прилика повторно да проследат неколу остварувања од татковината. Во програмата „Панорама специјал“ се пет проекции на „Жената која ги избриша своите солзи“, последниот филм на Теона Стругар Митевска, која колку за потсетување е стар пријател на Берлиналето. Пред две години беше во селекцијата на „Панорама“ со „Јас сум од Титов Велес“, што го видоа многу македонски семејства од Берлин..
„Ова е најкомплексен филм кој досега сме го сработеле, како по однос на логистиката, продукцијата, така и во кретаивниот дел. Приказната е за две семејства, за две жени, за нивниот однос и љубов кон нивните деца. Во еден момент нивните животи се спојуваат во Македонија. Снимавме на прекрасни и тешки локации во Македонија и ја имавме прекрасната Викторија Абрил која снимаше 15 дена во Македонија и останатиот дел во Франција. Таа направи навистина исклучително комплексна, интересна, убава улога. Во филмот ја играм тешката улога на мајката која потекнува од јуручко семејство. Имав привилегија да ги запознаам Јуруцијте, да живеам со нив, да ги истражувам, да се воодушевувам на нивната традиција и култура и мислам дека направив една убава улога“, изјави за македонската програма на Дојче веле Лабина Митевска која едновремено е и продуцент на филмот кој е копродукција на Македонија, Германија, Словенија и Белгија и која се радува што Македонија убаво ќе се претстави пред берлинската публиката и меѓународната критиката.
„Жената која ги избриша своите солзи“ премиерно ќе биде прикажан в сабота во 20 часот во киното „Интернационал“, а претпладнето е предвидена проекција за новинарите и прес конференција.

Проекција на „Балканот не е мртов“

Инаку в понеделник на 13 февруари безмалку во исто време на програмата на Берлиналето се уште две остварувања од Македонија. Во селекцијата „Панорама“ со почеток во 17:30 е српско-македонско-хрватско-словенечката копродукција „Парада“ на Срѓан Драгојевиќ во кој една од главните улоги ја игра Тони Михајловски. Во Куќата на културите од светот, пак, во 16:30, во блокот кратки филмови е премиерата на „Бардо“ на Марија Апчевска што е во селекцијата „Генерација Кплус“ .
„Филмот практично започна како вежба за испитот по сценарио...Ја развив и така се случи „Бардо“! Името „Бардо“ е тибетански збор за состојба помеѓу. Се работи за светот на детето и на возрасните и за состојбата помеѓу. - во кои моменти може тие светови да се зближат, во кои се различни и што е тоа што ги прави поинакви. Ова е сторија за малото девојче кое се наоѓа на погребот на нејзиниот татко и за балонот, што го наоѓа во близина на гробиштата и која ја потестува на таткото“, вели за Дојче веле Марија Апческа, која веќе дипломирала режија во класата на Столе Попов и која не крие дека е радосна што е дел од Берлиналето.
Во рамките на Европскиот филмски маркет е планирана една проекција (12.февруари) на филмот на Александар Поповски „Балканот не е мртов“.

Жешки ѕвезди на црвениот тепих

Иако студеното време и сибирските температури и годинава се придружници на Фестивалот, повеќе од сигурно е дека на црвениот тепих ќе продефилираат многу разголени холивудски ѕвезди. Покрај Мерил Стрип која е годинашен лауреат на Златната мечка за животно дело, а воедно вон конкуренција ќе се претстави и во „Челичната леди“, по црвениот тепих ќе прошетаат и Бред Пит со „блажената“ Анџелина Џоли (која во „Панорама специјал“ е со режиското деби „Во земјата на крвта и медот“), Ума Турман, Антонио Бандерас, Изабел Ипер, Роберт Патисон, Салма Хајек, режисерите Стивен Содеберг и Вернер Херцог. Киану Ривс ќе биде еден од предавачите на Талент Кампусот, а за жалење на многуте обожавателки на вечниот ерген, во Берлин нема да стаса традиционалниот гостин Џорџ Клуни.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Deutschland Film Berlinale Vorbereitungen roter Teppich
Се’ е подготвено за дефиле на црвениот тепих!Фотографија: AP
Meryl Streep im Film Die eiserne Lady
Злана мечка за животно дело ќе добие Мерил Стрип која игра и во „Челичната леди“Фотографија: Concorde Filmverleih/picture alliance/dpa
Berlinale 2012
Плакатот на македонскиот филм на ударно место на Подздамер ПлацФотографија: DW
Internationale Filmfestspiele Berlin Berlinale 2012
„Збогум моја кралице“ со Дијане Кругер го отвора БерлиналетоФотографија: Carole Bethuel

Редактор: Борис Георгиевски