1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стари идеи за поделба на Косово

СН/ печат
15 август 2017

Печатот на германски јазик, меѓу другото, се занимава и со Косово, но на целосно различни начини. Германски весник пишува за најновиот предлог на Ивица Дачиќ а швајцарски дневник за имиџот на „Косовците во Швајцарија“

https://p.dw.com/p/2iFTE
Serbien Außenminister Ivica Dacic
Фотографија: picture alliance/AP Images/D. Vojinovic

„По претседателот Александар Вучиќ, сега и српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ го изнесе својот предлог за Косово“, пишува новинарот Михаел Мартенс за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“: „Вучиќ во јули во еден текст се заложи за повеќе српски реализам во однос по прашањето за Косово“, а сега и неговиот „ министер за надворешни работи, кој нема сопствена политичка тежина, а кога станува збор за важни прашања смее да го каже само тоа што предходно го утврдил со Вучиќ, објави свој новинарски текст. „Србија поради својата нереална и утопистичка политика го загуби сето она што со крв го стекна“, пишува во текстот кој повремено има многу воен и историски тон, а беше објавен во понеделникот во белградскиот весник „Новости“.“

Прераскажувајќи го текстот на Дачиќ, Мартенс констатира дека „иако тоа директно не е речено, тој текст треба да се сфати на начин дека Србија како противуслуга за приклучување на северот на Косово би била подготвена да го признае остатокот од Косово, вклучително и членството во ОН- инаку предлогот на Дачиќ не би имал многу смисол. Ваквите идеи за поделба не се нови. Дачиќ, кој во 1999 година, за време на војната на НАТО против режимот на белградскиот автократ Слободан Милошевиќ, беше портпарол на неговата партија, во текот на изминатите години честопати изнесуваше слични предлози.

Kosovska Mitrovica - Stadt im Kosovo
Косовска МитровицаФотографија: DW/R. Alija

Во разговорот за овој весник воден во 2013 година, тој, тогаш како шеф на владата, отиде и понатаму и се заложи, барем индиректно, за размена на територии меѓу Србија и Косово (Северот на Косово за Прешевската долина).

„Истиот тој Дачиќ уште во 2011 година, во тоа време министер за внатрешни работи, (...) поделбата на Косово ја нарече реално решение, бидејќи не е реално да се очекува дека државата која Белград не ја признава некогаш повторно всушност ќе стане дел од Србија. Затоа единственото реално решение се состои во тоа областите во кои живеат Срби да ѝ припаднат на Србија, а оние во кои живеат Албанаци да станат самостојни. Во Белград очогледно полагаат надеж во таа тивка вода која брег рони“.

Косовците во Швајцарија

Швајцарскиот интернет-магазин Вотсон објави интервју со стручњакот за интеграција Томас Кеслер, за тоа како „имиџот на Косовците во Швајцарија“ брзо се промени. Кеслер пренесува дека во 70-тите години од минатиот век албанските гастербајтери важеле за тивки, лојални мигранти. Кога избувна војната на Косово, најпрво сите ги жалеа бегалците од Балканот. А потоа во фокус стигнаа проблемите со интеграцијата (...) Денес поголемиот дел од Швајцарците Косоварите ги гледаат како љубезни соседи и колеги од работа..“

Кеслер констатира оти најниската точка, кога станува збор за проблемите со имиџот на Косовците, бил еден новинарски оглас кој во 2011 година го објави Швајцарската народна партија и тоа во рамки на иницијативата за запирање на масовна миграција. Насловот на огласот беше „Косовци колат Швајцарци“, што беше алузија на инцидентот во кој еден косовски Албанец со нож повреди еден Швајцарец во вратот. „Оттогаш многу некогашни бегалци направија кариери и денес, на пример, во областа на трговијата, добро заработуваат. Освен тоа, во екот на бегалската криза во фокусот на јавноста се најдоа и други мигрантски групи како што се Еритрејците и оние од Магреб.“

WM 2014 Achtelfinale Argentinien - Schweiz Shaqiri
Шцајцарскиот фудбалски репрезентативец со косовско потекло, Џердан ШаќириФотографија: picture-alliance/dpa

На прашањето на новинарот дали Косовците беа едноставно жртвени јарци бидејќи своевремено беа нови, или можеби и затоа што општеството го ставија пред реалните проблеми, Кеслер одговори: „Причината беше без сомнеж реална: во училиштата имаше во дел големи проблеми, бидејќи истрауматизираните момчиња своите јазични дефицити ги компензираа со насилство. Воените бегалци во Европа извршуваа деликти здружени во банди.“ Но, времињата се променија. „Порано Сицилијаниците важеа за момци со ножеви кои слабо се контролираат, им свиркаат на жените, мрзеливи се и крадат. Се стравуваше дека со својот католицизам ќе ја поткопаат Швајцарија- или дури ќе го донесат тука комунизмот (...) Но, кога во 1982 година Италијанците станаа светски прваци во фудбал, Швајцарците одеднаш опуштено славеа со нив. А набрзо потоа и италијанските ресторани и музика влегоа во мода. Денес се радуваме на головите кои Џердан Шаќири ќе ги постигне за нашата фудбалски репрезентација.“

На тоа новинарот на Вотсон го праша Томас Кеслер: „Значи ли тоа дека наскоро ќе одиме да вечераме кај отмениот Косовец и ќе им даваме имиња на нашите деца како Гранит наместо Лука?“ Одговорот гласеше: „Со сето почитување, толку далеку не би одел (се смее). Италијанската кујна е една од најрафинираните на светот, со своите зачини, морски плодови. Не знам дали Косовците со својата солидна кујна ќе можат да го надминат тоа...“