1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ставрески не знае дали Македонци имаат сметки на Кипар

БГ/миа19 март 2013

Македонскиот вицепремиер не очекува дека македонски граѓани имаат пари на банкарски сметки во Кипар, ниту размислува за даночно амнестирање. Директорот на УЈП, Трајковски повикува на враќање на капиталот во земјата.

https://p.dw.com/p/180DS
Фотографија: MIA

Македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, коментирајќи ја состојбата со заштедите на граѓаните на Кипар, денеска изјави дека согласно законот, македонските граѓани не смеат да имаат сметки на физички и правни лица во странство.

„Такви проценки немаме, ниту очекуваме дека има такви сметки“, истакна Ставрески на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали има информации колку пари на македонските граѓани има во кипарските банки и дали се размислува за даночно амнестирање.

Претходно, директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски изјави дека неговиот предлог за даночна амнестија на заштедите во странските банки станува атрактивен, особено по последните случувања во Кипар.

„Факт е дека законот за одданочување на депозити, Кипар го прави како неатрактивна дестинација. Она што го промовирав пред неколку години, односно можноста за даночна амнестија на нашите резиденти да го вратат капиталот во Република Македонија станува атрактивна затоа што Кипар нема да биде единствено решение. Ова ќе биде само почеток на она што ќе се случува во Европската унија како појава“, истакна Трајковски на предавањето на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање, Трајковски оцени дека македонскиот банкарски систем е солиден и тој треба да биде предизвик не само за македонските резиденти кои по пат на амнестија би го вратиле капиталот, туку и за коминтентите на странските банки да ги донесат заштедите во Македонија.