1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Русија и натаму единствени во врска со Косово

20 октомври 2009

Претседателите на Русија и на Србија, Дмитриј Медведев и Борис Тадиќ во Белград се заложија за натамошно јакнење на односите меѓу двете земји. Медведев најави дека Русија ќе продолжи да ја поддржува Србија за Косово.

https://p.dw.com/p/KBFD
Дмитриј Медведев предводи голема делегација во БелградФотографија: AP

По средбата со српскиот претседател Борис Тадиќ, рускиот претседател Дмитриј Медведев изрази задоволство од престојот во Белград и разговорите со Тадиќ. Тој нагласи дека односите меѓу Русија и Србија се развиваат и оти се направени многу проекти кои црвсто ги поврзуваат двете земји. Српскиот претседател по средбата со Медведев имаше идентичен заклучок.

„Денеска разгледавме низа прашања од доменот на нашите билатерални односи и заклучивме дека тие со години одат во нагорна линија и дека постои извонредно политичко разбирање во сите области во кои денес дејствуваат Србија и Русија“, рече Тадиќ.

Србија нема да ја менува политиката кон Косово

Medwedew und Kostunica in Belgrad
Дмитриј Медведев во својство на вице-премиер на Русија се ракува со поранешниот српски премиер Воислав Коштуница за време на престојот во Белград во февруари 2008 годинаФотографија: AP

Дмитриј Медведев исто така нагласи дека руската поддршка за официјален Белград , кога станува збор за Косово ќе продолжи.

„Русија и натаму ќе стои на ставот дека ќе го брани суверенитетот на Србија во целост. Ќе ги почитуваме и другите одлуки кои Србија ќе си ги одреди“, истакна Медведев.

Тадиќ, пак, го повтори ставот дека Србија никогаш нема да ја признае независноста на Косово и оти тоа е основа на нејзината политика.

„Уште еднаш му изразив благодарност на Медведев за принципиелната и силна поддршка која неговата земја и‘ ја даде на Србија во одбрана на сопствениот интегритет на Косово и потврдив дека Србија нема да ја менува политиката во однос на Косово“, порача Тадиќ.

Русија го прифатила кредитното барање на Србија

Двајцата претседатели го истакнаа значењето на економската соработка. Тадиќ додаде дека Србија наишла на позитивен одговор од претседателот на Русија и во врска со српското барање за кредитна поддршка.

Рускиот претседател оцени дека Русија и Србија имаат слични ставови во врска со ситуацијата во Европа, додавајќи дека со Тадиќ разговарал за нова конфигурација на меѓународната безбедност.

Претседателот на Русија, кој предводи голема државна и економска делегација, подоцна треба да учествува и во одбележување на 65-годишнината од ослободувањето на Белград од фашистичкиот окупатор. По тој повод, тој ќе присуствува на свечена академија.

Медведев ќе се обрати и во парламентот, а според неофицијални најави, ќе има средба и со претставници на Синодот на Српската православна црква.

Автор: СН/БГ/бета/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска