1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПЦ кани македонска делегација во Прохор Пчињски

31 јули 2009

Српската православна црква упати покана до Македонија, јубилејната 65 годишнина од АСНОМ да ја одбележи во манастирот Прохор Пчињски.

https://p.dw.com/p/J1B0
Фотографија: Staatliches kulturhistorisches Museum

Српската православна црква ги отвора портите од манастирот Свети Прохор Пчињски за да може државна делегација од Македонија да го одбележи јубилејот од АСНОМ. Во тој манастир во 1944 се поставени темелите на современата македонска држава. Гостопримството од црковен Белград следува по најавите дека во последните неколку месеци има извесно приближување во односите помеѓу двете цркви, кои со години водат спор за статусот на МПЦ. Манастирските порти пет години беа затворени за државни гости од Македонија. Денеска (31. 07. 2009) на интернет страницата на Српската православна црква е објавено соопштение за јавноста, во кое се вели:

„Српската правослана црква, како домаќин и сопственик на големата православна светост, манастирот Свети Прохор Пчињски, одлучи искрено, срдечно, братски, без задршки или какви било задни мисли да укаже гостопримство - и повеќе од тоа, братски прием на висока делегација на Собранието на Македонија за одбележување на 65 годишнината на АСНОМ“, стои во соопштението потпишано од епископот бачки Иринеј.

Во соопштението понатаму се наведува дека делегацијата од Македонија ќе биде пречекана од епископот врањски Пахомије, како и од претставникот на патријархот Павле и на синодот на СПЦ, епископот Иринеј, па се нагласува:

„Сите други или поинакви приказни се или недобронамерни или шпекулации од незнаење. Во прв ред, не е вистина дека висока државна делегација од Скопје доаѓа врз основа на договор со државните власти на Србија. Таа доаѓа само и исклучиво врз основа на решението, на добрата воља и љубов на Српската православна црква“.

Државата Србија, ги признава слободата и ингеренциите на Српската православна црква, и верската слобода воопшто, а Српската православна црквата искрено го уважува демократскиот став на српската држава по прашањата на верата и совеста, се вели во соопштението до јавноста, потпишано од епископот Иринеј.

Редактор: Александра Трајковска