1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот со името не смее да се инструментализира

Силвера Падори13 септември 2008

На конференцијата Европската унија и Западен Балкан што се одржува во Берлин, позитивно е оценет ангажманот на Словенија како претседавач со ЕУ, а забелешки доби унијата, која не ги познава балканските специфики

https://p.dw.com/p/FHIp
Гернот Ерлер загрижен што спорот со името со Грција делумно се инструментализира во македонската внатрешна политика

Стабилизација, регионална соработка и нова динамика во ЕУ, интеграција на Југоситочна Европа - беа амбициозните цели кои словенечкото претседателство со унијата делумно ги исполни. На конференцијата на која се направи биланс на постигнатото, пофалби на адреса на Словенија упати и државниот министер во германското МНР, Гернот Ерлер, кој потсети на настаните кои имаа критична нота: независноста на Косово, ратификацијата на Лисабонскиот договор и ирскиот референдум.

Загриженост за Македонија

“Што се однесува до Македонија, по Хрватска, таа е најдалеку отидена со официјалниот кандидарски статус. Но,, имаме многу тешка ситуација со нерешеното прашање околу името и спорот со Грција. Од страна на германската влада очекуваме дека многу скоро ќе дојде до решение во посредничкиот процес што се води под покровителство на генералниот секретар на Обединетите нации и посредникот Метју Нимиц. Но, од ова место морам да подвлечам дека сме загрижени, зашто имавме прилика да видиме дека спорот со името делумно се инструментализира во македонската внатрешна политика што не води до решение” истакна Ерлер.

Процесот на инеграција продолжува

Учесниците на конференцијата која ја организираше германското МНР и Здружението на југоисточна Европа, како позитивни беа оквалификувани потпишаните спогодби за стабилизација и асоцијација со Србија и Босна и Херцеговина, како и четирите отворени поглавја во преговорите меѓу Хрватска и ЕУ.

“Продолжуваме да го гледаме Западен Балкан како недовршена работа за целосна и слободна Европа - истакна и Матјаж Шинковец, државен секретар во кабинетот на словенечкиот премиер, кој се осврна на задачите кои и натаму треба да продолжат”

ЕУ неефикасна и без идеи

Критики за политиката на ЕУ по однос на непознавање на специфичностите на Западен Балкан и визниот режим упати Кристијан Шварц Шилинг, долгогодишен ополномоштеник за Босна и Херцеговина.

“Прашањето за визите, исто како и инфраструктирата, за целокупниот комплекс на Западен Балкан треба генерално, што е можно побрзо, да се разреши, зашто е апсолутно контрапродуктивно во однос на сите напори за интеграцијата кон Европа и внатрешно интегрирање на етникумите во земјата.“ Според Шварц Шилинг, со условеноста на визниот режим се казнуваат 99 отсто од луѓето кои треба да се доведат на патот на Европа, зашто живеат во гето во кое не живеле нивните родители и дедовци.”

На конференцијата стана збор и за регионалната соработка, во чиј контекст Владимир Глигоров од виенскиот Институт за меѓународна економија, го даде следниот коментар:

“Во случаите на Босна и Македонија, проблемот кој го има Македонија со Грција или обратно, ЕУ потврди дека не е многу инвентивна, нема идеи, инструменти, смисла за рационалност и преговори. Проблемите ги создаваат луѓето или политички констелации кои практично се залагаат за нив, а не за нивно решение. Ова е нешто за што Европската унија треба да размисли и да изнајде начин за нивно решение.