1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорот за името е најголем хендикеп за Македонија

5 јули 2011

Земјата што претседава со ЕУ од петокот, во приоритетите за проширување не ја споменува Македонија. Полска е воздржана бидејќи нема напредок во преговорите за името со Атина, вели за ДВ, Јан Техау од „Карнеги Европа“.

https://p.dw.com/p/11oly
Логото на полското претседателство со ЕУ

Полското претседателство со ЕУ во делот за проширување ги споменува само Хрватска, Турција и Исланд. За земјите од Западен Балкан, Полска запишала дека силно ќе ги поддржува нивните европски аспирации. „Полското претседателство има за цел да ја осигура примената на стратегијата за проширување. Ќе биде значајно земјите кандидатки и тие што се заинтересирани за членство во ЕУ да покажат определба за исполнување на пристапните критериуми, кои се еднакви за сите“, стои во стратегијата на полското претседателство.

Дојче веле ги праша полските институции – зошто во стратегијата ја нема Македонија и дали може да се очекува од новото претседателство поголем ангажман во затворање на македонско – грчкиот спор. Од полското МНР велат дека спорот може да се реши само во ОН.

„Сфаќаме дека грчко - македонскиот спор за името е суштински за двете страни. Тој е за националниот идентитет и за прашањето кој е одговорен за културното наследство на Античка Грција и Античка Македонија. Веруваме дека ова е билатерален проблем, кој на крај може да се реши само со помош од ОН. Жалиме што разговорите за прашањето меѓу Скопје и Атина не произведоа решение кое ќе ги задоволи двете страни, бидејќи ова е најголемиот хендикеп за Македонија во процесот на интеграција во НАТО и во ЕУ. Полска беше и ќе остане адвокат на проширувањето и на НАТО и на ЕУ“, одговара Конрад Желињски од прес - канцеларијата на полското МНР.

Jan Techau Programmleiter Alfred von Oppenheim-Zentrum für Europäische Zukunftsfragen
Јан Техау директор на „Карнеги Европа“Фотографија: DGAP

Две причини за воздржаноста кон Македонија

Во европскиот центар на фондацијата за меѓународен мир “Карнеги“, сместен во Брисел, толкуваат дека Полска е воздржана поради две работи – фактичката состојба со преговорите за името и поради водењето тивка дипломатија. Јан Техау, директорот на „Карнеги Европа“, за Дојче веле нагласува – Полска на паметен начин го третира прашањето, со тоа што не ги подгрева очекувањата.

„Мислам дека Полска има многу реалистична проценка каде ситуацијата е застаната и што би можело да се постигне во период од шест месеци. Мислам дека Полска одбра да не излегува со ветувањата што нема да може да ги исполни. Тоа е добра работа и тоа е реалистичен пристап. Исто така, ако навистина сакате да направите напредок во прашањето за Македонија, тогаш треба да ја надминете грчката моќ за вето. И ова најдобро се прави не со изјави во јавноста, не со објавување дека сакате да направите голем напредок со Македонија, туку со држење на тоа во тајност и во неофицијален статус. Мислам дека токму тоа се обидува да го направи Полска“, вели Техау.

Тој толкува и дека ако се искористи моментот на грчка слабост, поради внатрешната криза, и се дојде до компромис, тој подоцна може да биде отфрлен.

Deutsch-polnische Regierungskonsultationen Donald Tusk
Полскиот премиер Доналд ТускФотографија: DW

„Ќе има многу мала легитимност, бидејќи луѓето ќе велат: ’добро, не присилија кога бевме слаби’“. Она што навистина ви треба е некакво менување на размислувањето од грчка страна, за политичките лидери во Грција да можат да поднесат ваков компромис. Можеби можете да го искористите моментот на слабост, но вообичаено таквите преговори подоцна се удираат од глава, нагласува директорот на „Карнеги Европа“, Јан Техау.

Затворање долготрајни процеси

Полскиот премиер Доналд Туск пред преземањето на претседавањето со ЕУ, минатата недела во националниот парламент ги претстави целите на шестмечното раководење со Унијата. „Имаме огромен интерес полското претседателство да биде запаметено од Европејците по прашања кои вклучуваат затворање на долготрајни процеси“, изјави Туск во таа пригода.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема