1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спомениците не ја сочинуваат националноста

31 мај 2011

Имам впечаток дека Македонија 20 години ја прославува независностса - се` е сведено на песна, забава и игра. Влеговме неподготвени во транзицијата и направивме неколку грешки, оценува Дарко Марковиќ, авторот на Пецко.

https://p.dw.com/p/11R5L
Фотографија: DW

Речиси и да нема човек во Македонија кој не го знае Пецко, ликот кој од задните страници на весниците и` се исмева на македонската реалност. Авторот Дарко Марковиќ за себе вели дека е човек во години кој за жал е се` уште принуден да ги рецензира политичките и општествени аномалии.

„Констатацијата е една сведена на еден збор - би рекол жална“, вели популарниот Дар Мар, кој во доцните осумдесети години заминал од една држава, а осум години подоцна се вратил во друга. Имено, осамостојувањето на Македонија го дочекал во Лондон. Таму почуствувал како функционира една демократска земја и се навикнал на редот, дисциплината, точноста, вистината.

„Овие 20 години, ние, ми се чини ја славиме независноста. Со меѓународни празници, верски празници, со државни празници, се` е е сведено на песна, забава и игра.“

Неподготвени во транзиција

Mazedonien Land und Leute Mann auf Parkbank
Македонското секојдневие е најголема инспирација за МарковиќФотографија: Petr Stojanovski

Пецко секогаш има дух, забележува, нотира, пецка, критикува, но никогаш не зрачи со песимизам. Неговиот автор не се обидува да го сокрие разочарувањето од Македонија по две децении самостојност.

„Мислам дека влеговме доста неподготвени во транзицијата, дека нашиот менталитет и табиети многу тешко можат да одговорат на барањата на капитализмот и демократијата. Ние сме народ кој што со векови растеше на итрината, честопати и на лагата.“

Марковиќ смета дека Македонија направила неколку фундаментални грешки при изградбата на новата држава. „Го задржавме народот, но му наредивме да заборави се` што било во изминатите педесет години.“

Не се смета за југоносталгичар, но отворено зборува за предностите на живеењето во тоа далечно време.

„Јас Пецко го почнав во 1979 година, бев критичен остар. Сепак тој период 'Остен' го финансираше тогашната држава за да ја критикуваме. Замислете сега нашиот премиер да ме финансира мене за да го критикувам. Отидовме во сосема погрешна насока“, нагласува Марковиќ.

Исплашен за идентитетот и националноста

Proekt Skopje 2014
Националноста ја сочинуваат луѓето, а не спомениците, вели Дар МарФотографија: Petr Stojanovski

Во однос на перспективите на Македонија, Пецко е поголем оптимист од неговиот автор. Загриженоста Марковиќ ја базира на фактот што голем број млади сакаат да заминат и никогаш да не се вратат во татковината.

„Сепак сум оптимист и барам сламка за спасување. Ако се продолжи со актуелната политика и ако народот не гледа иднина во сопствената држава, тогаш ќе си замине оттука. Иплашен сум и за идентитетот и за националноста. Спомениците не ја прават националноста, туку човекот“, нагласува Дар Мар.

Зборот е најсилното оружје во секоја демократија, слободата на мислата и говорот нејзина база е девизата на Марковиќ. Вели дека ќе престане да твори и ќе им се посвети на внуците кога Македонија ќе стане пристојно место за живеење.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Трајче Тосев