1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасовски: бегалците се проблем на цела Европа

Зоран Јордановски2 декември 2015

Имаме разбирање за тешката состојба во која се наоѓаат бегалците, но никој нема право да ги напаѓа македонските безбедносни сили, вели во разговор за ДВ, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

https://p.dw.com/p/1HFfz
Фотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Гледачите во Германија, веројатно и во многу други земји, деновиве повторно видоа драматични сцени со бегалците на „ничија земја“ на грчко-македонската граница. Како Вие ја оценувате актуелната ситуација?

Спасовски: Состојбата на границата е контролирана и стабилна. Полицијата постапува на професионално ниво. Имаме разбирање за тешката ситуација во која се наоѓаат овие луѓе. Најголемиот дел од нив се тука не затоа што сакаат, туку затоа што мораат. Тие минале долг пат, биле малтретирани, дел од нив се со мали деца и тоа веројатно е причината за нивниот гнев. Но, тоа секако не му дава за право никому да ги напаѓа безбедносните сили, кои се таму за да си ја работат својата работа. Безбедносните сили имаат голема одговорност и тоа овозможува да се спречат несакани сцени. Бегалската криза ги загрижува македонските граѓани, како и нивните сограѓани во Европа, затоа што ова е заеднички проблем. Република Македонија мора да ги насочи сите капацитети за да обезбеди стабилност за своите граѓани, но и да ги прифати бегалците на хуман начин, и МВР работи во таа насока.

ДВ:Што може да се случи со зголемувањето на бројката на оние кои сакаат да продолжат кон Европа, а се под сомнение дека се економски емигранти и Македонија не им дозволува влез и транзит и каде го гледате излезот од оваа состојба? Кои воопшто беа мотивите за воведување на селективниот пристап?

Да, бројката на мигрантите е зголемена и токму поради тоа ги презедовме истите мерки како и другите земји од регионот: Словенија, Хрватска, Србија, и овозможивме транзит на бегалци само од кризните точки како што се Сирија, Авганистан и Ирак. Како што знаете, бевме информирани од ЕУ земјите дека економските мигранти повеќе нема да се прифаќаат. На друга страна, постојат меѓународните конвенции кои секому му даваат право на заштита. ЕУ ќе мора да се постави во однос на ова прашање, за да не доаѓа до тензии на македонската граница и во регионот, затоа што тоа е во интерес на сите. Ние сме во постојат контакт со ЕУ и сите наши идни активности ќе бидат спроведени во координација со ЕУ и нејзините одлуки. Уште еднаш би потенцирал дека ова не е проблем само за Македонија, туку за цела Европа, и затоа од круцијално значење за менаџирање на кризата и генералната стабилност е целосната соработка, од проценката на ризикот до преземање адекватни мерки за справување со состојбата.

Griechenland Mazedonien Grenze Flüchtlinge
Бегалци на грчко-македонската границаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ДВ: Грција ја обвинува Македонија за застојот на границата. Постои ли некаква соработка на властите на двете држави по прашањето на бегалците?

За да се надмине состојбата мораме да комуницираме и да се координираме со сите земји во регионот и во Европа, и ние тоа постојано го правиме. Во таа смисла, ние воспоставивме соработка со грчката полиција, што е неопходно за безбедноста и на Грција и на Македонија. Излезот од оваа тензична состојба може да се постигне само преку договор со кој ќе дојдеме до добри решенија, што ќе значи и зачувување на стабилноста во двете држави. Тоа можеме да го постигнеме само со заедничка соработка.

ДВ: УНХЦР ѝ префрли на Македонија дека не е содветно подготвена за прифаќање на бегалците ни во сегашните услови, а допрва доаѓа зимата и вистинскиот студ. Што презема Македонија во таа насока?

Македонија има обврска согласно меѓународните конвенции да ги заштити човековите права, но има обврска и да ја заштити безбедноста на своите граѓани. Премногу долго време проблемот со бегалците се туркаше „под тепих“. Колку бегалци во тој период успеале илегално да останат во Македонија и дали тие имаат некои други цели, тоа е сериозно прашање за кое МВР мораше да води сметка во изминативе години. Јас и професионалците во МВР, согласно нашите надлежности, сме сериозно посветени на заштита на македонските граѓани. Во исто време, се надевам дека како држава ќе одговориме на предизвиците од секој аспект, вклучително и адекватна заштита на човековите права и хуман третман на луѓе кои имаат таква потреба.

ДВ: ЕУ ѝ вети помош на Македонија за да излезе на крај со бегалската криза. Го одржа ли ветувањето и колкава е досега упатената помош од ЕУ?

Ние сме во постојан контакт и координација со земјите од ЕУ, проблемот е заеднички и таква свест постои во ЕУ. Очекувам оваа соработка да продолжи да се развива во насока на надминување на предизвиците. Тоа е во интерес и на граѓаните во нашите држави и на мигрантите на кои им е потребна заштита.