1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикат: Темелни реформи или ново разочарување?

Костадин Делимитов
15 август 2017

Промените во Сојузот на синдикати на Македонија нема да значат ништо ако и новото раководство седне во скутот на власта. Без темелни реформи работниците ќе доживеат ново разочарување, предупредуваат упатените!

https://p.dw.com/p/2iFDQ
Symbolbild Bahnbaustelle
Ќе се врати ли достоинството на работниците?Фотографија: Getty Images/AFP/J. Vaughan

Живко Митревски замина, на сцена стапува Дарко Димовски. Во напната атмосфера со многу тензии и на раб од посериозен судир, новото раководство ја презеде власта во најголемата синдикална организација во Република Македонија. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) доби нов лидер кој најави промени, нов почеток и вистинска борба за работничките права. Ваквите најави, според упатените, делуваат охрабрувачки, посебно по осумгодишната ера на Митревски која синдикалното движење го претвори во безгласна буква, а правата на работниците ги урниса на најниско ниво. Но прашање е дали и колку се реални? Посебно во услови кога ретко кој од работниците веќе има верба во синдикалното организирање, што според упатените и не е за чудење ако се земат предвид досегашните искуства безмалку со сите синдикални лидери, кои од промотори на работничките права стануваа продолжена рака на власта:

„Недовербата кај работниците е многу голема, бидејќи сите досегашни претседатели на ССМ без исклучок од 90-те години на минатиот век до денес ја преферираа страната на власта, а не страната на работниците. Таа практика мора да се промени, сега е нова шанса за да се постават работите во Сојузот на синдикати на здрави основи. Во таа насока промената на првиот човек беше клучниот и прв чекор до кој мораше да дојде. Но самата промена нема буквално да значи ништо ако се повторат претходните искуства со промените на раководствата“, коментира за ДВ членот на Левица, Здравко Савески. 

Zdravko Saveski
Савески: Сите досегашни претседатели на ССМ ја преферираа страната на власта, а не страната на работницитеФотографија: DW/K. Delimitov

Добро во конкретниот случај, според овој експерт и активист за работнички права, е што целата постапка се одвивала согласно процедурите и без мешање на власта:

 „Иако може да се чини дека има вмешување на Владата во однос на лидерот на ССМ од аспект дека повторно се инсталира партиски послушник, лично мислам дека тоа не е така. Ако не постапеше Министерството за труд и социјална политика во согласност со своите ингеренции, тогаш тоа ќе беше мешање во синдикалните работи и дозволување на веќе сменет претседател на ССМ да остане на функција. Органите на ССМ се тие кои одлучуваат, тие одлучија и надлежните тоа само го верификуваа“, вели Савески.

„Шурувањето“ со власта сепак е клучниот проблем и болка не само во ССМ, туку и останатите синдикални организации во Македонија. Дел од упатените предупредуваат дека Власта нема да ги тргне рацете од синдикатите доколку тие самите не се изборат за тоа. Овој процес е тежок и нималку лесен, но не и неостварлив предупредува Савески:

„Во Македонија имаме исклучително ниска доверба во синдикатите, а на тој начин едноставно ниту еден синдикат не може да биде успешен. Потребни се длабоки реформи, а она што јас го заговарам, и тоа од поодамна, е промена во начинот на раководење во ССМ. Бидејќи многу често на власта ѝ е лесно да купи еден човек и тоа се случувало досега, наместо да има функција претседател на ССМ да се ротира функцијата претседател помеѓу претседатели на гранковите синдикати. Значи нешто слично на моделот на ЕУ, претседавач со ССМ наместо претседател на ССМ. На таков начин и гранковите синдикати ќе добијат поголема видливост, а со тоа и доверба кај работниците, но и ќе се минимизира опасноста еден човек да биде купен и на тој начин власта да го контролира синдикалното движење“, укажува Савески.

Zivko Mitrevski Gewerkschaften Mazedonien
Живко Митревски најави продолжување на битката пред судовитеФотографија: DW

Промената во врвот на Сојузот на синдикати на Македонија е првиот чекор кон враќање на достоинството не само на институцијата, туку пред сѐ на работниците. Новиот лидер Дарко Димовски, кој девет месеци ја водеше битката пред институциите, вети зајакната борба за работничките права. Зад неговите заложби застанаа четири синдикални организации кои беа исфрлени од ССМ, а поддршка за смена на Митревски доби и од независните синдикати потписници на повелбата за солидарност. Поранешниот претседател Митревски минатата недела ја обвини министерката за труд Мила Царовска за обид за незаконска смена на раководството на ССМ. Тој побара нејзина оставка и најави кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Иако надвор од ССМ, тој најави дека битката ќе ја продолжи преку судовите. Во меѓувреме и од Централниот регистар соопштија дека уписот на претседателот на Сојузот на синдикатите  во Централниот регистар е законски.