1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалните теми во фокусот на изборите

Александар Чомовски19 февруари 2009

Странските дипломати во Македонија предупредуваат да не се повтори изборното насилство во земјата. Кандидатите се обврзаа на фер и мирни избори. Тежиштето на кампањата од политика се сели на социјални прашања.

https://p.dw.com/p/GxY2
Решавањето на социјалните теми ќе бидат одлучувачко за изборитеФотографија: DW

Во Македонија не смее да има реприза на минатогодишните избори со насилство - тоа е пораката од холанската амбасадорка Симоне Филипини и евроамбасадорот Ерван Фуере кои деновиве одржуваат средби со претседателските кандидати. Претставниците на албанскиот блок ветија фер и мирна кампања.

„Ќе водиме една позитивна и конструктивна кампања и нема да ги злоупотребиме жешките теми коишто ги допираат меѓунационалните односи во земјата“, порача Имер Селмани, кандидатот на Нова Демократија. И кандидатот на ДУИ, Агрон Буџаку изјави дека тој и неговата партија ќе се залагаат за фер и демократски избори. „Имаме голема одговорност“, рече Буџаку. Исто така и од владеачката коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ потпишаа кодекс за фер избори. Меѓутоа ова прашање очигледно дека нема да биде доминантно во предизборната и изборната кампања.

Skopje,Ulica Makedonija
Граѓаните се загрижени за економската положба во којашто се наоѓаатФотографија: DW

Анкетите и реалноста контрадикторни

Според последните анкети, 54% од испитаниците се незадоволни од социјалниот статус и економската положба во којашто се наоѓаат. Тоа е за 8% повеќе споредено со истражувањата од пред шест месеци. Сепак ваквиот тренд не влијае на пад на довербата на владата и премиерот Груевски. И последните анкети покажуваат дека тој и кандидатите на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ се во апсолутна предност пред останатите противкандидати. Универзитетскиот професор, Абдулменаф Беџети гледа контроверзност во предизборното расположение.

„Од една страна се покажува висок степен на поддршка на оние кои ја креираат политиката, а од друга страна истовремено се искажува висок степен на незадоволство во однос на економските прашања“, констатира Беџети.

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања

Претседателскиот кандидат на СДСМ, Љубомир Фрчкоски е со став дека на изборите, проблемот со името со Грција ќе биде во сенка наспроти општиот социјален амбиент.

„Името нема да биде централна тема на изборната кампања и изборите. Тоа ќе биде сиромаштијата и внатрешното пропаѓање на Македонија поради изолацијата на земјата. Ние се уриваме,“ констатира Фрчкоски. Критиките дека владата ја внесува Македонија во зоната на меѓународна изолација очигледно го погодува премиерот Никола Груевски, кој експресно возврати:

„Половината од оние политичари коишто ме обвинуват мене и владата дека сме ја однеле земјата во изолација, се или на црната листа на САД и ЕУ, или биле четири, осум или дванаесет години на власт и не успеале да поместат ниту едно камче во решавање на проблемот со името со Грција“.

Сепак, меѓународните претставници стравуваат дека во македонскиот блок, во изборната кампања ќе се врати темата околу патриотизмот во одбрана на уставното име што би можело да ги стимулира националистичките изјави и пропаганда за време на мартовските избори.