Состојбата во Октиси нормализирана
25 август 2013Струшкото мувтиство, џамиските одбори и градоначалникот на општина Струга, Зијадин Села треба да изнајдат решение и во петок да се договараат со архиепископот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, отец Зоран од Вевчанската парохија и членови од Црковниот одбор во Октиси за изградбата на црква во селото.
Ова беше договорено на денешната средба на претставници од двете верски заедници на која присуствуваа градоначалникот Села и г. Тимотеј. Средбата беше организирана со цел решавање на состојбата, во која денеска (25.08.)жителите од православна вероисповест во Октиси беа спречени од нивните сожители од муслиманска вероисповест во поставување камен-темелник на црква во селото. На средбата како што информира отец Зоран, г.Тимотеј им објаснил дека мисијата на црквата е да шири љубов.
„Ние градиме храм за изразување на верските чувства, дом за молитва, а не да провоцира, рече отец Зоран.
Тој појасни дека на местото каде што е предвидено да се гради црквата „Св. Димитрија“, постоел објект кој поради дотраеноста бил срушен.
Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски информира дека состојбата е нормализирана, поради што не е потребно натамошно присутво на полицијата.