1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состојбата во Македонија - равенка со повеќе (не)познати

11 април 2017

Македонија тапка во место, пренесуваат регионалните медиуми. На земјата се гледа како на извор на криза, и можен плен на други влијанија што ќе ја оддалечат од европскиот пат.

https://p.dw.com/p/2b1mx
Mazedonien Proteste der Anhänger von VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Засега не гледам некакво светло на крајот на тунелот, но да се надеваме дека во иднина сите страни ќе преземат конкретни дејствија“. Повеќе медиуми во Албанија и Косово ја пренесоа оваа изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата со градоначалниците од редовите на ДУИ. Ахмети побара сите партиски лидери да придонесат во решавање на кризата, а запрашан за заканите од Никола Груевски, рече дека „тие не се средство за решавање на кризата и сите страни треба да ја почитуваат волјата на парламентарното мнозинство“.

Медиумите во соседството интензивно известуваат за „тунелот“ во кој е заглавена Македонија.

„Македонија тапка во место“, „Епицентарот на македонската криза е во Собранието“, пишуваат српските медиуми, потсетувајќи дека конститутивната седница на Парламентот на која треба да биде избрана Комисијата за избори и именувања, влегла во трета недела, но без резултат.

Македонската криза

И додека Македонија тапка во место, други ја преземаат улогата на конструктивен фактор и важен генератор за стабилноста во регионот, својство кое до пред десетина години ѝ беше припишувано на Македонија. Такви тонови доаѓаат од Белград, од вчерашната средба на српскиот премиер Александар Вучиќ со американскиот сенатор Џон Мекејн, на која разговарале и за ситуацијата во Македонија. Вучиќ изразил надеж дека работите во Македонија ќе се одвиваат мирно и со почитување на македонските закони.

„За нас тоа е од големо значење, бидејќи ако не се задоволни Албанците, може да имаме проблем на југот на Србија. Ако имаат меѓусебни македонски судири, што никој не ги сака, ќе има големи и тешки последици. Да не зборувам дека тоа би довело до несигурност и до повлекување на инвеститорите“, изјавил Вучиќ на заедничката прес-конференција. Мекејн истакнал дека сè што се случува во Источна Европа е од витално значење за безбедноста на САД и дека не смее да се дозволи да се случи нешто, со што може да се влоши состојбата во регионот.

„Голема штета е што Македонија од своевиден лидер во регионот, сега се посочува исклучиво во контекст на криза“, коментираат за ДВ дипломатски извори. 

„Многу е важно да запре негативната спирала. Постизборниот период во Македонија изнесе на површина неколку негативни тенденции: попречување на земјата на евроатланскиот пат, подгревање тензии на меѓуетничка основа, ставање на партиските над државните интереси и сет од активности спротивни на принципот на владеење на правото. И во случаи кога протагонистите на кризата се познати, излезот од неа е равенка со повеќе непознати, доколку тие рефлектираат многу дифузни пораки: од една страна, декларативно изразуваат приврзаност кон демократските принципи и вредностите врз кои се темелат евроатлантските интеграции, а од друга, посегаат по практики кои се целосно спротивни на тие вредности и стандарди. Ако некој едно мисли, друго зборува, трето прави, таквото 'три во едно' не е израз на сериозно лидерство и визионерство, туку на бегство од суштината на проблемите, поради причини кои немаат поврзаност со интересите на земјата“, велат нашите соговорници. 

Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski
Никола Груевски и Александар ВучиќФотографија: DW/P. Stojanovski

Браќа по модел на владеење

Состојбата е уште попоразителна, ако се има предвид дека токму на новоизбраниот српски претседател, загрижен за регионот, не му цветаат рози и е соочен со масовни протести „против диктатурата“.Колумнистот на „Данас“, Пеѓа Поповиќ оценува дека некои сцени во Србија се како препишани од Македонија.

„Може многу лесно да се забележи сличен шаблон меѓу ВМРО и СНС“, пишува тој, оценувајќи дека ветувањата на двете партии за борба против корупцијата во двата случаја останале само како предизборна порака, а наместо тоа граѓаните во двете земји добиле власт која ги заобиколува, прекројува, крши и игнорира законите. Авторот оценува дека двете владејачки партии доживеле огромна експанзија врз развиена клиентелистичка инфраструктура, со тоа што СНС сѐ уште не е една од најбогатите партии во Европа како ВМРО-ДПМНЕ.

„Работничкиот пекол во Србија речиси е пресликан и во Македонија, која важи за оаза на евтина и обесправена работна сила, и тоа неретко од субвенционирани претпријатија. Освен ова, противзаконското делување во двете земји е многу забележливо на јавните простори во главните градови“, оценува Поповиќ споредувајќи ги „Белград на вода“ и „Скопје 2014“ како скапа авантура и проекти за кои не се прашани ни граѓаните, ниту стручањците.

Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Руско влијание

Но, сличноста на моделот на владеење не е единствениот проблем. Во прашање е патот по кој се движат земјите од регионот и на какво влијание се изложени. Како што пренесуваат српските медиуми, Мекејн во разговорот со Вучиќ ја изнел и својата загриженост по прашањето на руското однесување, вклучувајќи го и „неодамнешниот обид да се собори владата во Црна Гора“.

Во контекст на растечкиот руски интерес за Западен Балкан, бугарски медиуми ѝ посветија внимание на анализата „Геополитика: Турција и Русија сѐ поприсутни на Балканот“ на Томислав Крешовиќ и Предраг Прокопљевиќ.

„Своето влијание Турција го насочува кон БиХ, Косово, Македонија, Албанија, но и Бугарија и Грција. Основна цел на ваквата надворешна политика е проширување на економската дипломатија во целиот регион на Западен Балкан (...) Русија ќе го поддржи економското влијание на Турција на Балканот, посебно поради стратегиски енергетски интереси (гасниот тек), со кој ќе ја направи Турција стратегиски партнер за заедно да го експлоатираат балканскиот, но и европскиот пазар, што е веќе дефинирано во меѓувладинот договор меѓу Русија и Турција“, се вели во анализата.

Потсетувајќи дека Путин и Ердоган на средбата во Москва на 10-ти март, ја разгледале можноста на Анкара да ѝ бидат испорачани системи за противвоздушна и противракетна одбрана С-400, се оценува дека е евидентно дека Русија сака преку Турција да има посилно влијание на Балканот, да бидат конкурентна на ЕУ и да влијае на САД.

„Затоа Русија и Турција работат на поделба на своите интереси на Балканот. Турците ќе го јакнат своето влијание меѓу муслиманското население, а Русите меѓу православното. Актуелните геополитички процеси треба да вклучат 'црвено светло' во ЕУ... и таа да сфати дека Балканот мора да и стане геополитички приоритет“, пишуваат авторите.

Дебатите на оваа тема во Македонија речиси и ги нема. Целото внимание е насочено кон толкување на одредбите од Деловникот на Собранието и меѓупартиски обвинувања.