1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Составот на новата влада чека на гласање

16 јули 2011

Мандатарот Никола Груевски вчеравечер до Собранието на Република Македонија ја достави владината програма и имињата на министрите во новиот владин кабинет.

https://p.dw.com/p/11wX2
Фотографија: DW

Во новиот владин состав вицепремиерските места од ВМРО-ДПМНЕ ги задржуваат Зоран Ставрески и Владимир Пешевски. Гордана Јанкулоска останува на чело на МВР, додека Министерството за култура и понатаму ќе го води Елизабета Канческа-Милевска. Никола Попоски, досегашниот амбасадор во ЕУ, ќе раководи со македонската дипломатија, Никола Тодоров ќе раководи со Министерството за здравство, а нов министер за образование и наука од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е Панче Кралев. Министер за администрација и информатичко општество останува Иво Ивановски, како и Миле Јанакиески, кој ќе го води Министерството за транспорт и врски.

Министерството за земјоделство и во овој состав и` припадна на Социјалистичката партија и ќе продолжи да го води Љупчо Димовски. Министер за труд и социјална политика ќе биде Спиро Ристески, кој досега беше заменик-министер во овој ресор.

Од редовите на коалицискиот партнер ДУИ има двајца вицепремиери - за европска интеграција е Теута Арифи, а за спроведување на Рамковниот договор ќе биде задолжен Муса Џафери. Валон Сарачини ќе го води ресорот економија, а досегашниот министер Фатмир Бесими преминува на чело на Министерството за одбрана.

Екологија ќе ја води Абдулаќим Адеми, локалната самоуправа Невзат Бејта, а министер за правда ќе биде Блерим Беџети. Министри без ресор остануваат Неждет Мустафа, Хади Незир и Веле Самак.

Од вчера почна да тече 15-дневниот рок предвиден со собранискиот Деловник за гласање во Парламентот. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски се` уште не донесол одлука кога ќе ја закаже седницата за избор на новата влада.

Автор: ТТ/миа

Редактор: Е.М.Фиданоска