1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот за враќање во Германија

Бахри Цани / Елизабета М. Фиданоска2 април 2013

Во изминатите три години повеќе од 2500 косовски Роми мораа да ја напуштат Германија, меѓу нив и луѓе кои во земјата живееја со години. Притоа, дел од семејствата беа разделени. Таква е судбината и на семејството Османи.

https://p.dw.com/p/18867
Фотографија: Bahri Cani

„Јееее, се враќаме во Германија!“ Извикот на радост на осумгодишниот Аднан не трае долго. Насмевката на лицето му замрзнува кога дознава дека на вратата не е претставник на германските власти, туку новинар од Германија. Аднан, заедно со 12-годишниот брат Сенјур и мајката Весвије, е протеран од Германија пред еден месец. Тие мораа да го напуштат округот Лихов-Даненберг во покраината Долна Саксонија и да заминат на Косово.

„Во пет часот изутрината дојде полиција. Јас спиев, затоа што секогаш пијам многу лекови. Имаше многу луѓе: претставници на властите задолжени за прашања на странците, полицајци, лекар. Рекоа: ’Пакувајте се, мора да заминете на Косово.’ Овде е многу лошо.“ Четириесет и пет годишната Весвије не може да ги задржи солзите. Таа и двајцата најмлади синови имале само време да го спакуваат најнужното и веднаш биле протерани на Косово. Таму биле сместени во таканареченото Ромско маало во Митровица.

Акција „мрак и магла“

Reportagenreise Kosovo Roma in Mitrovica
Семејството Османи е поделено - на фотографијата се мајката Весвије и дел од синовите кои се протерани од ГерманијаФотографија: Bahri Cani

Таа ноќ кога биле протерани 16-годишниот син Халит не бил дома, затоа што бил на преспивање кај другар му по еден фудбалски натпревар. Со оглед на тоа што не можел да биде оставен сам во Германија, не бил протеран ниту таткото Зеки. Така ромското семејство е поделено уште еднаш. Минатата година, имено, тројцата најстари синови од семејството Османи веќе беа протерани на Косово.

Весвије и нејзините пет синови сега живеат во стан под кирија. Имаат две соби, но сите шестмина спијат заедно во една соба, на подот. Се‘ уште се плашат од полиција и од можни упади.

Reportagenreise Kosovo Roma in Mitrovica
Семејството Османи живее во стан од 30 метри кавдратниФотографија: Bahri Cani

Новиот стан во Митровица е на чекор од местото кадешто семејството Османи некогаш живеело. „Рекоа: мора да одиш на Косово, таму имаш куќа, имаш се‘. Но овде немаме ништо“, вели Весвије и покажува на местото на коешто некогаш стоела нивната семејна колипка. Таму сега има само неколку камења.

Во непознат свет

Семејството Османи живеело во Германија 16 години. Најмладите три деца се родени во Германија и тука оделе на училиште. Не знаат друг јазик освен германски и малку нешто ромски. Во Германија имале стан со шест соби, а сега живеат на 30 метри квадратни.

Во овој кварт живеат речиси 1900 луѓе: Роми, Ашкали и Египќани. На улица често се слуша германски, поради тоа што многу од семејствата биле протерани од Германија. Протерувањето стана можно со договорот на Германија и Косово, потпишан во 2010 година. Оттогаш до февруари годинава околу 2500 косовски Роми се вратени од Германија. Само мал дел од нив доброволно ја напуштиле Германија. Повеќето се протерани.

Reportagenreise Kosovo Roma in Mitrovica NEU
Аднан сака да се врати во ГерманијаФотографија: Bahri Cani

Квартот на Ромите во Митровица е изграден минатата година. Се вели дека тоа е најмодерен кварт на Роми на целиот Балкан. „Општина Митровица е најдобар пример за враќањето на Ромите, Ашкалите и Египѓаните. Овде имаат многу добри услови, сите имаат нови куќи или станови и живеат многу подобро од порано“, вели, не без гордост, градоначалникот на Јужна Митровица, Авни Кастрати. До пред четири години овде во нечовечки услови живееја меѓу 7 и 8 илјади Роми, поделени во два бегалски кампа на северот од Митровица. Сега тие кампови се затворени.

Како да се учи на јазик што не се познава?

Има и проекти за образование и дополнително квалификување на Ромите. Сепак, најголем проблем е многу тешката економска состојба. Се проценува дека невработеноста изнесува повеќе од 90%. За децата на повратниците има проект кој им помага да тргнат на училиште. Постарите деца на Ромите одат на училиште на српски јазик, на север од поделениот град. Безбедносни проблеми немаат. Помладите деца пак, одат на училиште на југот од Митровица, каде наставата е на албански јазик.

Reportagenreise Kosovo Roma in Mitrovica NEU
Мајката Весвије е очајнаФотографија: Bahri Cani

Но, не секаде е така. Косовскиот министер за образование Раме Буја вели дека во некои општини има обиди ромските деца да се одделат во посебни, чисто ромски одделенија. „Тоа е чекор кон некаков вид сегрегација. Иницијативите доаѓаат од двете страни, како од страна на Ромите, така и од страна на Албанците. Но ние не дозволивме поделба“, вели Буја.

Децата Роми кои се протерани до Германија на Косово најчесто не зборуваат ниту албански ниту српски. Така е и со децата на семејството Османи. Мајката Весвије е очајна: „За нас нема перспектива, нема живот.“ Семејството се надева дека ќе се врати во Германија. Осумгодишниот Аднан вели дека негов најголем сон е да се врати во Германија: „Децата овде се сиромашни. Одат боси, немаат ништо, валкани се.“ Аднан си посакува повторно да оди на училиште - во Германија.