1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Соживотот во Струга пред голем предизвик

Горан Петревски9 февруари 2009

Тензиите во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга ги ставаат на тест меѓуетничките односи во Македонија. Во училиштето нема настава а се најавува воведување на етнички чисти смени.

https://p.dw.com/p/GqG5
СтругаФотографија: Petar Stojanovski

Проблемите кои тлеат подолго време во оваа образовна инститиција кулминараа неодамна по стартот на второто полугодие со масовна тепачка меѓу учениците Македонци од една и средношколците Албанци од друга страна. Сега по две недели повредите зараснаа но останаа стравот и горчливиот впечаток на нетрпеливост по етничка основа кај младата популација. И тоа во традиционално мирната Струга, која остана спокојна и за време на воениот конфликт во 2001 година. Сега осум години подоцна соживотот во градот е исправен пред голем предизвик. Инститиуциите се ангажирани во потрага по решение на проблемот. „Подобро е еден министер да замине од својата функција отколку во Струга да има жртви“, ја цитираат локалните медиуми изјавата на министерот за образование, Перо Стојановски, кој уште потврди дека продолжуваат интензивните напори на министерството и локалните власти за изнаоѓање решение за проблемот.

Struga Innenstadt, Mazedonien
Струга остана спокојна и за време на конфликот во 2001 годинаФотографија: Petar Stojanovski

„ Ние мора да ги заштитиме учениците. Мораме да бидеме претпазливи, бидејќи за нив работиме и живееме. Децата мора да се безбедни, и ќе бидат“, порача, пак, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

Нема плодна почва за претенциозни намери

Еден од креаторите на Охридскиот договор, професорот Владо Поповски тврди дека во делот на образованието со рамката од 2001 година се обезбедени сите права за припадниците на етничките заедници. „ Сметам дека тоа што се случува во Струга може да има два извори. Како прво, некаква нетрпеливост меѓу конкретни групи млади луѓе Македонци и Албанци. Втора причина може да биде некаква претенциозна намера на одредени кругови кои би стоеле зад младите и зад нивниот конфликт. Ако станува збор за втората причина, мислам дека таа не може да има никаква плодна почва, ниту некаков продуктивен резултат“, изјави за Дојче Веле професорот Владо Поповски. Во средниот училишен центар на брегот на Охридското езеро во еден ист училишен двор се сместени училиштата „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо“. Во двете училишта има и македонски и албански паралелки, кои пропуштија голем дел од ланската школска година поради бојкотот на наставата инициран од честите тепачки меѓу учениците а подгреан од политиката.