1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Собирање на сликички за ЕП – хоби на фудбалските фанови

Кристина Озимец11 јуни 2016

Фудбалска треска и во Скопје. Од 7 до 77, исто како во детството, најголемите фанови на фудбалот се собираат во Градски Парк и ги менуваат дупликатите за да го пополнат албумот со сликички од Европското првенство.

https://p.dw.com/p/1J4s6
Фотографија: Kristina Ozimec

Далибор е еден од многуте страсни фанови на фудбалот во Македонија. Го најдовме на клупа во Градскиот парк во Скопје, опкружен со други колекционери на албуми од европските и светските првенства во фудбал.

Во текот на целиот месец за време на одржувањето на Европското првенство, секоја сабота, кај клупите на фонтаната во Градскиот парк во Скопје, се собираат дел од најголемите фанови на фудбалот. Деца, млади, стари, доаѓаат со една цел – да ја најдат сликата од албумот која им недостасува за да го пополнат целосно со своите омилени фудбалери од тимовите од целиот свет.

„Ова е нешто што го правиме исклучиво од задоволство, љубителите на фудбалот веројатно знаат зошто. Се организираме преку Фејсбук, доаѓаме овде во парк, и секој може да ја најде сликата која му фали во албумот или пак да даде дупликати, доколку има повеќе“, вели Далибор за Дојче веле.

За обичните минувачи глетката потсетува на манијата на полнење детски албуми за сликички која владееше пред многу години во земјава. Во времето кога немаше социјални мрежи како Фејсбук и Твитер, многу од децата ги тераа своите родители да им купат пакетчиња сликички од локалната трафика, за да го пополнат албумот кој во моментот е актуелен.

Mazedonien Tauschbörse von Panini-Bildern von EURO 2016 in Skopje
Фотографија: Kristina Ozimec

Скапо хоби

Но во фудбалот, ова може да го прават и возрасните. Се договараат преку Фејсбук и секоја сабота во 11 часот се собираат по 60, 70, некогаш и 100 луѓе.

„Се собираме секоја година, цел месец додека трае првенството. Излегуваат компликации кога ги купуваме во продавница сликите бидејќи има многу дупликати многу и затоа доаѓаме овде за да ги менуваме меѓу себе за оние слики кои ги немаме“, вели Кадри, уште еден колекционер на албуми со кого разговаравме во паркот.

Албумот откако е целосно пополнет, останува за сатисфакција на колекционерот. Интересно хоби за кое се потребни финансии бидејќи според Кадри пополнувањето на албумот може да чини дури и до 300 или 400 евра.

Спортскиот новинар и сопственик на веб сајтот 24 фудбал, Ристе Ѓорѓиевски вели дека магијата на собирање сликички од европските и светските првенства е нешто посебно кое не може да го разбере секој.

„Во Македонија има многу пасионирани колекционери кои не пропуштаат да го пополнат албумот со сликички. Со развојот на социјалните мрежи во последните години се појавија и организирани менувања. Колекционерите се договараат да се сретнат на посебни локации каде ќе ги разменат своите дупликати. На ваквите собири можете да забележите лица од 6 до 60 години како трагаат по сликичките кои ги немаат. Кога ќе ја залепите последната сликичка од албумот, чувството е навистина посебно“, вели Ѓорѓиевски.

Mazedonien Tauschbörse von Panini-Bildern von EURO 2016 in Skopje
Фотографија: Kristina Ozimec

Социологот Илија Ацевски вели дека овој феномен постои многу години бидејќи се работи за еден начин на комуникација која луѓето не можат да ја доживеат само ако седат пред телевизија или пред компјутер.

„Тие ја немаат таа можност да ја споделат љубовта за фудбалот со другите и затоа се појавуваат овие собири каде на едно место може да се слават омилените спортски херои, но истовремено и да се разменат идеи и дружење. Во исто време, со оглед на напнатата политичка ситуација во Македонија која трае многу долго, за многумина фудбалот претставува мало бегство каде барем за момент ќе се опуштат и ќе заборават на она што не вознемирува и гази повеќе од една година“, вели Ацевски.

За време на Европско и Светско, застанува светот

Олимпијадата е најголемата спортска манифестација, но кога има Европско или Светско првенство во фудбал за фановите на овој спорт, застанува светот. Тој месец целиот фокус е на играта која одамна е многу повеќе од спорт.

„Во Македонија досега не сме го искусиле моментот да ја гледаме нашата репрезентација на еден ваков собир, па од прва рака не знаеме какво е чувството, енергијата и каква еуфорија би се случувала во државата доколку нашите фудбалери се таму. Тој момент можеби уште долго ќе го чекаме, но големите фудбалски првенства се единствените кои масовно се гледаат и кога вашата репрезентација не е на нив. Така ќе биде и сега, сите очи ќе бидат вперени кон Франција, се ќе биде во знакот на Европското првенство. Базата на фудбалски фанови е огромна, но ова се манифестации кои ги следат и оние на кои спортот им е многу подолу во листата на приоритети“, вели Ѓорѓиески за Дојче веле.

Mazedonien Tauschbörse von Panini-Bildern von EURO 2016 in Skopje
Фотографија: Kristina Ozimec

Тој додава дека компаниите гледаат своите производи да ги поврзат со првенството за да ја зголемат продажбата, и речиси и да нема кафуле или ресторан кој не нуди некоја посебна понуда за време на натпреварите.

„Секој гледа да го искористи овој посебен месец на фудбалот и да заработи од таа пасија на фановите, а тоа говори за големината на настанот. Кога судијата ќе го означи почетокот на натпреварот прошетајте низ градот, погледнете ги весниците, телевизиите, банерите на порталите и ќе ја видите моќта на фудбалот“, додава Ѓорѓиевски.

Летата во кои има Европско или Светско првенство, според него, ги прават среќни и обложувалниците и обложувачите. Најголеми шанси за освојување на титулата обложувалниците му даваат на домаќинот Франција кој покрај тоа што игра на свое тло има и многу силен тим. Потоа следуваат Германија, Шпанија, Англија, Белгија... Но секогаш постои простор и за изненадувања.

„Обложувалниците се радуваат што ќе имаат полни објекти, додека обложувачите што билтенот се уште е дебел. Организаторите се трудат да внесат поразновидна и побогата понуда за обложување со цел да придобијат повеќе обложувачи и да направат поголем профит. Во отсуство на настап на македонската репрезентација, неколку ливчиња уплатени во обложувалница го зголемуваат адреналинот при следењето на натпреварите, па најголемиот дел од оние кои ќе го следат првенството уплаќаат. На крајот освен сопственикот на обложувалницата ретко кој друг ќе може да се пофали дека се збогатил, но и покрај тоа масовно се игра“, вели Ѓорѓиевски.