1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со Меркел нема „баста“

12 јануари 2010

Во новата германска владина коалиција „врие“. Двата помали коалициони партнери, либералите и ЦСУ отворено изразуваат незадоволство, но на сметка на канцеларката Ангела Меркел доаѓа критика и од нејзината партија, ЦДУ.

https://p.dw.com/p/LR0Q

Ангела Меркел уште долго не треба да се плаши. Но, сепак, треба да ја сфати сериозно критиката од сопствените редови. А колку што ја познаваме, таа вистински ќе се соочи со неа, иако повеќе интерно отколку во јавноста. Таков е нејзиниот стил на раководење, оној кој засилено е мета на критики, сега и од партиските пријатели. Но, Меркел не треба да се плаши, зашто критичарите претежно се од вториот ешалон. Тројца од нив се претседатели на пратенички групи во покраинските парламенти и тоа во покраините каде премиерските места ги имаат демохристијаните. Да се приклучеа и премиерите кон критиката, за канцеларката ќе беше веќе деликатно.

Еден покраински премиер всушност и јавно проговори - Петер Милер од Сар. Но, неговата изјава беше блага, Ангела Меркел би требало да се грижи за „повеќе чисто ЦДУ“ во берлинската коалиција. Во покраината Сар, парламентарните покраински избори беа одржани минатата година, исто како и во покраините Хесен, Саксонија, Тирингија и Бранденбург, од каде што доаѓаат другите критичари. На овие избори христијанските демократи претпрпеа делумно големи загуби, соодветен на тоа е и немирот во партиската база.

Fernschreiber Autorenfoto, Peter Stützle
Петер Штицле

Пресметана критика?

Критиката оддолу, при целата лутина околу формата, помалку како да му одговара на раководството на ЦДУ. Познато е дека Ангела Мрекел за некои традиционални гласачи е премногу модерна. Недостасуваат конзервативни врвни политичари како рамнотежа, какви што ги имаше се‘ уште во времето на Хелмут Кол. Тоа што некои политичари од втор ешалон сега се прифилираат како конзервативни, му одговара на партиското раководство, се‘ додека тие не се премногу силни и дрски.

На крајот на оваа недела врвот на ЦДУ се собира на советување. Кратко потоа, Ангела Меркел ќе води разговори околу стратегијата со претседателите на коалиционите владини партии, Гидо Вестервеле од либералите и Хорст Зехофер од ЦСУ. Нема да изненади ако Меркел притоа, според барањата на критичарите, посилно ги застапи позициите на ЦДУ. Но, демонстрирањето сила, како што бараат критичарите, кај канцеларката и натаму ретко ќе го има. Ваков стил на раководење може да падне в очи, тоа Ангела Меркел го виде кај својот претходник, „баста канцеларот“ Герхард Шредер, кој доживеа неуспех во сопствената партија.

Автор на коментарот: Петер Штицле

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска