Снимките за наводниот поткуп на Заев отворени за јавноста
19 март 2018Снимките за случајот „Поткуп“ во кој првообвинет е актуелниот премиер Зоран Заев ќе бидат прикажани предд јавноста на 26 март, на следното рочиште. Судот ја донесе оваа одлука на барање на Заев, кој на денешното рочиште објасни дека на тој начин сака да си ги поврати загубениот чест и углед во јавноста.
Заев и неговата одбрана тврдат дека претходно во јавноста биле објавени само делумни снимки кои ја испревртуваат вистината за случајот. Адвокатот на одбраната, Филип Медарски тврди дека нивното објавување било со цел „политичка егзекуција“ на Заев. Нивното целосно објавување, тврди Медарски, ќе ја каже целата вистина, односно ќе му дадат „сосема поинакво значење“ на случајот.
По рочиштето Заев изјави дека е задоволен што судот го прифатил неговото барање снимката да биде транспарентно презентирана.
„Видео снимката која влијаеше многу на мојата чест, углед и на приватноста да биде јавно презентирана од причина што се гледа дека на двапати е пресечена токму во во моментите каде впечатокот е целосно различен од тоа што е прикажано во јавноста“, вели Заев.
Обвинителството беше против предлогот за јавно гледање на снимките.