1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случај „Сименс“: Загубени во преводот

Јанис Пападимитриу / З. Јордановски27 ноември 2015

Денеска во Атина, по осумгодишна истрага, треба да започне судски процес против поранешни менаџери на германскиот концерн Сименс и негови соработници од Грција. Тие се обвинети за подмитување и перење пари.

https://p.dw.com/p/1HDdI
Фотографија: AP

Во фокусот на процесот е договорот за дигитализација на грчката телефонска мрежа, склучен во 1997. година меѓу германскиот концерн Сименс и тогаш уште државниот грчки телефонски оператор ОТЕ. Договорот е вреден милијарди, тоа беше една од најдоходовните зделки во стогодишната деловна активност на Сименс во Грција. Концернот како правно лице не е директно обвинет во актуелниов процес, во кој треба да се расчисти дали притоа имало подмитување. Станува збор за 70 милиони евра - а во Грција за подмитување на државни функционери во особено тешки случаи е можна и казна доживотен затвор. На обвинителната клупа се најдоа 64 лица, меѓу нив и Хајнрих фон Пирер, некогашен претседател на управниот одбор на концернот од Минхен, како и Михалис Христофоракос, некогашен шеф на Сименс-Грција. Обајцата најверојатно нема воопшто лично да се појават пред судот.

Истрагата на обвинителството од Атина траеше осум години. Процесот има еден „дефект“ уште пред вистински да започне: обвинителниот акт на околу 4600 страници, не е преведен на германски јазик поради мерките за штедење од страна на правосудните власти. Тоа инаку би чинело 90 000 евра.

„Веќе само тој пропуст може да ја минира постапката“, предупредува политичкиот коментатор Панајотис Статис. Тој факт е правно доволен за ништовност на целиот процес, смета Статис и укажува дека правото на ЕУ и пресудите на Европскиот суд за човекови права за вакви случаи предвидуваат превод на јазикот на обвинетите.

На повидок натамошни правни спорови

Според информациите на весникот „Авги“, кого го сметаат за неофицијален прес-орган на владеачката левичарска партија Сириза, бранителите на обвинетите можеби ќе посегнат по „трикови за одолговлекување на процесот“, оти има уште многу отворени прашања во оваа постапка. Прекини на процесите и одложувања на термините се вообичаени во Грција и, може да се претпостави, тоа е една важна причина зошто е грчкото правосудство посебно бавно. Бранителите на некогашните соработници на Сименс укажуваат и на тоа, дека нивните манданти веќе беа судени во Германија и не може да бидат казнети два пати за истото дело. Обвинителството во Атина, пак, проценува дека во овој процес станува збор за сосем поинакви обвиненија. Концернот Сименс, според весникот „Авги“, има и други проблеми со грчките власти: во Грција наводно врбувал работници за изнајмување, што било забрането и за што според актуелното трудово право е можно изрекување парична казна.

Deutschland Wirtschaft Heinrich von Pierer Rücktritt Siemens
Еден од 64-цата обвинети - поранешниот шеф на Сименс, Хајнрих фон ПирерФотографија: AP

Највисокиот управен суд во Грција сега проверува дали во корупциската афера би било во согласност со правото вонсудско порамнување меѓу Сименс и грчката држава. Тоа порамнување е веќе направено во 2012 година и требаше да стави крај на аферата: Сименс се обврза во рок од пет години да инвестира 100 милиони евра во својата грчка ќерка-фирма и речиси исто толку пари да стави на располагање за антикорупциски програми и за стипендии во Грција. Концернот исто така се откажа и од побарувањето на неплатени долгувања од 80 милиони евра.

Критика на сметка на старата влада

На таквото порамнување водечките политичари од левицата во Атина реагираа со остра критика на сметка на тогашниот конзервативен премиер Андонис Самарас. Деснопопулистичката партија АНЕЛ, јуниор-партнер во сегашната владина коалиција, дури зборува за „противправна спогодба“. Јанис Киријакопулос, новинар, правник и потпретседател на „Здружението на грчките даночни обврзници“, еден од поднесувачите на приговорот до управниот суд, смета дека порамнувањето мора да биде поништено. „Овде станува збор за долготраен, натпартиски случај на корупција“, вели тој и тврди дека Сименс воопшто не ги исполнил обврските што ги преземал во 2012 година.