1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија ја блокираше Хрватска

НЦЦ, БЦ (емф)19 декември 2008

Поради спор околу меѓусебната граница, Словенија ги блокира преговорите на Хрватска за приклучување кон ЕУ. Проблемот датира уште од времињата на поранешна Југославија, а решение нема до денес.

https://p.dw.com/p/GJni

Најспорното прашање во разграничувањето на двете држави се однесува на протегањето на границата во Пиранскиот Залив. Од оваа граница зависи пристапот на Словенија до меѓународни територијални води. Пред осум години, тогашните премиери на двете земји, Рачан и Дрновшек, постигнаа мирен договор, но поради притисокот од страна на националистите на двете страни од границата, договорот никогаш не беше спроведен. Според планот на Загреб, денеска требаше да бидат затворени пет, а да бидат отворени десет поглавја од преговорите за приклучување на Хрватска кон ЕУ, но Словенија стави вето поради тоа што, како што се вели во Љубљана, во документите што и’ се предадени на ЕУ има елементи што го прејудицираат текот на меѓудржавната граница. Еве што на оваа тема коментира печатот на германски јазик:

Весникот „Ноје Цирихер Цајтунг“ констатира дека за набљудувачите конфликтот е тешко сфатлив. Француското претседателство со ЕУ, во текот на изминатите недели, правеше безуспешни обиди да посредува во спорот. Непопустливоста на двете страни по прашањето на границата влече корени од недоволно цврстата национална самосвест“, констатира весникот и наведува:

„Хрватскиот премиер, Иво Санадер во четвртокот (18.12.2008), по разговорите што ги водеше со партиите застапени во парламентот, изрази надеж дека процесот на приклучување кон ЕУ ќе се одвива како што е планирано. Истовремено, тој апелираше до сонародниците да останат мирни. На повикот на премиерот му претходеше најава на словенечкиот премиер, Борут Пахор, од претходниот ден, дека се сака делумна блокада на преговорите на Загреб и Брисел. Пахор, чиј потег беше одобрен од страна на словенечките парламентарни партии, со тоа достави масло на огнот, ако се има предвид дека односите меѓу двете поранешни југословенски републики се оптоварени поради спорот околу заедничката граница... Хрватскиот премиер, во четвртокот, од еден европарламентарец од Баварија доби јавна поддршка. Тој самиот претходно ја обвини индиректно Словенија за уцена и нетолеранција. Тоа што Хрватска во спорното прашање околу границите со нејзиниот сосед и со аспирантот за приклучување кон ЕУ, Босна и Херцеговина, постапува многу нефлексибилно, останува неспоменато. Лутината околу словенечкиот потег на хрватската влада и’ нуди добредојден повод да го сврти вниманието од сопствената неспособност во преговорите со ЕУ.“

Весникот „Берлинер Цајтунг“ на оваа тема коментира:

„Во долгите натегања во граничниот спор меѓу Словенија и Хрватска, можат да се наведат аргументи што говорат во прилог на двете страни. Но, тоа што сега Словенија сака да го реши спорот со блокада на хрватското зачленување во ЕУ е недозволиво и со право предизвика негодување на владата во Загреб.

Досега постојано важеше правилото - билатералните проблеми да не се злоупотребуваат за да се спречува приклучување на некоја нација кон ЕУ. Тоа мораа да го научат и Баварците, кои сакаа да ја принудат Чешка да ги укине т.н. Бенеш-декрети против некогашното германско малцинство, а подоцна истата лекција ја научија и Австријците, кои сакаа да ги повратат своите територии во Словенија. Само за Словенија, очигледно, правилото не треба да важи.“

Наведувајќи дека француското претседателство со ЕУ се однесувало коректно и се трудело да ја задржи неутралната позиција на ЕУ во спорот, дека Хрватска објавила оти нејзиното сфаќање за протегањето на границата нема да ја антиципира евентуалната подоцнежна одлука на судот по ова прашање, но дека Словенија, сепак сака да ја искористи можноста за сосем да ја тргне хрватската максимална позиција, „Берлинер Цајтунг“, коментира:

„Како што е често случај, зад ова демонстрирање моќ се крие едноставно слабост. Новата влада на социјалдемократот Борут Пахор се смета за посилна од опозицијата и сака да покаже мускули што ги нема. Единствено постои надежта дека тонот на Словенија ќе им ги наостри ушите на останатите 25 земји-членки на ЕУ. Ако во иднина се сака да се спречи, зачленувањето во Унијата да не доживее неуспех поради смешни меѓусоседски спорови, тогаш е важно сега да се даде добар пример.“