1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободни, а сепак под клуч

13 јануари 2011

По вторпат во изминатите тринаесет месеци, Европскиот суд за човекови права пресуди против Германија, поради надзорот врз поранешни затвореници. Германија во 4 случаи ја прекршила Европската конвенција за човекови права.

https://p.dw.com/p/zx7h
Фотографија: AP

Причината за најновите критики од Стразбур е случајот на Алберт Х., кој во 1999 година беше осуден на три и полгодишна затворска казна, а во 2002 година, иако веќе ја отслужи затворската казна и беше пуштен на слобода, тој и натаму остана под надзор на безбедносните служби. Според пресудата на Судот за човекови права, Германија со тоа го прекршила членот 5 од Европската конвенција за човекови права, кој го гарантира правото на слобода.

Судот го критикува тоа што при изрекувањето на казната на сега веќе 76-годишниот сторител, не било најавено дека тој подоцна може да остане под надзор на државата. Судиите од Стразбур сметаат дека таквата мерка може да биде воведена само доколку е изречена заедно со казната, а не смее да биде дополнително додадена.

Ослободување за десетици криминалци?

Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte (EGMR) – Menschen vor dem Eingang
Судот за човекови права во СтразбургФотографија: DW/ Daphne Grathwohl

Во 1999 година, Германија ги промени одредбите за надзор врз поранешни затвореници, со што максималниот период на нивно следење се зголеми од десет години на доживотно. Ретроактивното спроведување на мерката се коси со човековите права, пресуди тогаш Европскиот суд во Стразбур. Германија мораше да го промени Законот, така што сега мерка надзор по ослободување од затвор не смее да биде дополнително воведена. Денешната пресуда на Судот се однесува на случај пред воведувањето на реформата. Таа на сексуалниот прекршител Алберт Х. сепак нема да му донесе поголеми привилегии, бидејќи е тешко болен и се наоѓа во психијатриска клиника. Меѓутоа, врз основа на пресудата на Судот за човекови права во Стразбур, дваесетина тешки криминалци, кои во моментов се под надзор на државата, иако веќе ја отслужиле затворската казна, би можеле да бараат нивно ослободување.

Автор: Мартин Дурм / Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски