Скандалот со донирани органи ја тресе Германија
7 август 2012Еден германски лекар очигледно играл Господ и одлучувал некои негови пациенти, иако помалку болни од другите, да добијат предност при доделувањето на органи и со тоа да добијат и шанса за подолг живот. Државното обвинителството во моментов проверува дали поради ваквата практика некои пациенти морале да починат. Споменатиот лекар манипулирал со податоците на најмалку 40 пациенти во две клиники во Германија во кои работел. Овие пациенти благодарение на тоа добиле повисоко место на заедничката европска листа на чекање за донирани органи на фондацијата Еуротрансплант со седиште во Холандија на која се наоѓаат пациенти од Германија, Холандија, Белгија, Луксембург, Австрија, Словенија и Хрватска.
Германија е високо индустријализирана земја во која се’ е јасно регулирано. Луѓето- се’ едно дали богати, сиромашни, прочуени или непознати, треба секогаш да добијат еднаков третман кога станува збор за доделувањето донирани органи. Затоа најновиот скандал е вистински шок и секојдневно за збор се јавуваат политичари, лекари, здравствени експерти кои велат дека актуелниот систем вака повеќе не може да функционира.
Смрт поради недостаток од органи за трансплантација
Во Германија владее недостаток од органи. 12 илјади луѓе во моментов чекаат на дониран орган. Во минатата година меѓутоа имало само 4000 трансплантации.
„Во Германија дневно починуваат по тројца луѓе од листите за чекање на донирани органи, зашто на време нема на располагање орган за трансплантација“, објаснува Гинтер Кирсте, медицински претседател на Германската фондација за трансплантација на органи-ДСО. Неговата организација ја организира постапката од регистрација на можните донатори преку пренесувањето на податоците на Еуротрансплант па се’ до предавањето на органите на центрите за трансплантација.
Во актуелниот скандал станува збор за трансплантации на црн дроб. Кирсте објаснува како тече пријавувањето во Еуротрансплант за овој орган: „Лекар од некој трансплантациски центар го пријавува неговиот пациент и дава соодветни лабораториски вредности. Овие вредности се разгледуваат и се вреднуваат“. Колку повисока е таа вредност толку погоре се става пациентот на листата на чекање Дали овој систем лесно се манипулира? Професорот Јан Гумерт од клиниката во Бад Ејнхаузен, најголемиот центар за трансплантација на срце во Европа критички гледа на овој систем: Колку што јас знам за црниот дроб конечно посебна улога играат само малку лабораториски вредности за да се утврди итност за на листата на чекање и со тоа се разбира веројатно е поедноставно да се манипулира“.
Потребен е посигурен систем
Секоја година во Геманија се трансплантираат околу 350 срца, од тоа околу 80 во клиниката во Бад Ејнхојзен. Кога таму станува збор за тоа колку е итна една трансплантација на срце тогаш впрочем како и во другите такви центри се собира тим од четворица лекари и се прегледува цела редица лабораториски и вредности од други испитувања. Конечно на крајот сето го контролира и главниот лекар:
„Кај нас тогаш податоците би морале да ги манипулираат најмалку пет лекари за да да направат такво нешто. И сметам дека контролата е навистина добра за такво нешто да не се случи“, вели кардиохирургот Гумерт. Тој смета дека најдобро решение би било податоците за здравствената состојба на пациентите на кои им е потребна трансплантација да бидат уште еднаш проконтролирани од независна комисија. Овој и други предлози ќе се најдат на масата пред министерот за здравство Даниел Бар кој на 27. август со претставници на здравствениот систем и на трансплантациската медицина ќе разговара за тоа како во иднина подобро да се спречуваат манипулациите и други престапи во доделувањето на донирани органи.