1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите теми на маса во Пржино: ќе се носат повеќе одлуки!

Катерина Блажевска19 октомври 2015

Со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан се очекува да бидат деблокирани преговорите и во наредните два дена да се завршат неколку обврски од Договорот

https://p.dw.com/p/1GqYE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Деблокирање на преговорите, влегување на изборните реформи со собраниска процедура, избор на компетниот тим на специјалното обвинителство и договор за новите министри и заменици - министри: со ваков резултат се очекува да завршат разговорите на еврокомесарот Јоханес Хан со лидерите на четирите партии, потписнички на Договорот од Пржино, велат дипломатски извори.

Еден по еден, лидерите попладнево пристигнуваа на средба со Хан во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ во таа скопска населба, каде летото ставија потиси дека ќе ги почитуваат договорените обврски. Прв пристигна премиерот Никола Груевски, а се очекуваше да пристигне и неговиот коалциски партнер, Али Ахмети. Лидерите на СДСМ и ДПА беа најавени дека ќе пристигнат таму по 16 часот.

„Работиме секој ден за да постигнеме напредок, можам да кажам дека и ноќе работиме. Мора да постигнеме напредок во оваа земја. Секогаш е корисно луѓето да дојдат, да ја видат ситуацијата со свои очи и да зборуваат со луѓето за да формираат сопствено мислење“, рече олеснувачот Питер Ванхауте, запрашан дали било неопходно доаѓањето на еврокомесарот Хан.

Тешка дискусија за обвинителите

Како резултат на разговорите, утре се очекува да бидат избрани целиот тим предложен од сецијалната обвинителка Катица Јанева. Седумте избрани денеска не дојдоа да дадат свечена изјава. Ќе го сторат тоа кога ќе биде избран комплетниот состав. Советот на обвинители денеска го добил писмото од министерот за правда, со кое четирите партии бараат да биде избран целиот тим на Јанева, но ќе чекаат и таа да им се обрати со допис.

„Ако во текот на денешниот ден или утре, Јанева достави допис со одредени барања, ние ќе ги разгледаме и ќе закажеме најитна седница на Советот. За утре секако имаме седница, така што може и да ја прошириме и за таа точка“, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски. Од таму најавуваат дека тоа би била долга седница поради повеќе прашања: сметаат дека неколку од предложените имаат конфликт на интереси, некои веќе работат на предмети кои повторно ќе треба да ги истражуваат, а ќе биде отворено и прашањето за недостиг на обвинителски кадар.

Утре истекува и рокот за избор на нови министри во Владата. Од СДСМ не го откриваат името на кандидатот за министер за труд, чиј заменик ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Не го откриваат ни предлогот за министер во МВР, но во јавноста веќе циркулираат имињата на неколку кандидати, меѓу кои, наводно во најтесен избор биле Лазо Велковски и Раде Јанковски, познати во безбедносни кругови, но не и за пошироката јавност. Велковски бил шеф на Градската управа за внатрешни работи Скопје, а Јанковски кој сега е во пензија, претходно работел како шеф на гранична полиција, а во еден период и инспектор во полициската станица Центар во Скопје. На листата се вртат и имињата на поранешниот министер Силјан Аврамовски и на поранешниот началник на ГШ на АРМ, генералот Мирослав Стојановски, како и на неколку поранешни функционери од безбедносните служби - УБК и Агенцијата за разузнавање. Новиот министер за внатрешни работи ќе има и двајца заменици - актуелниот Земри Ќамили, а ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи уште еден заменик. Се претпоставува дека заради континуитет тоа ќе биде сегашниот министер Митко Чавков, иако не се исклучени „изненадувања“.

Од МВР во ВМРО

За тоа дека во МВР се подготвуваат промени, говори и фактот што досегашниот помошник-министер за односи со јавноста во МВР, Иво Котевски, од денеска е назначен за директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Котевски со писмена изјава ја информираше јавноста за новиот ангажман.

„Претстои турбулентен период во кој ценам дека интересите на граѓаните и на државата ќе може најдобро да ги одбранам на политички план. На политичко поле ќе се води новата битка за иднината на Македонија. Во моменти на реални закани за уривање на системот, државноста и на се што е изградено години наназад само заради обид за ситно политичко профитерство, благодарен сум на довербата која ми е укажана и можноста која ми е понудена“, оцени Котевски.

Mazedonien Johannes Hahn in Skopje
Еврокомесарот Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Според СДСМ ова е уште еден доказ за партизираноста на МВР.

„МВР во изминатиот период функционираше како партиска испостава на ВМРО-ДПМНЕ, или како „МВРО-ВМРО“, по признанието на Гордана Јанкуловска. Причините за бегањето на Котевски од МВР пред доаѓањето на новиот министер за внатрешни работи, јавноста дополнително ќе ги дознае“, велат од СДСМ.

На ова стигна одговор од владејачката партија.

„На ВМРО-ДПМНЕ државните интереси секогаш му биле пред се, нешто што за СДСМ е непоимливо. Партиските и државните функции биле позиции на кои секој морал да го даде својот максимум за доброто на граѓаните и државата. МВР во изминативе години прерасна во респектабилен партнер на меѓународно ниво. Наместо кражби на кокаин од депоата, беа реализирани заплени на дрога кои ќе останат забележани во аналите не само на македонската, туку и на полициите во регионот и пошироко. Наместо нерасчистен атентат врз претседател, МВР приведуваше лица осомничени за меѓународен тероризам. Наместо преговори со минорни групи во Кондово, МВР елиминираше моќни групи кои беа вистинска закана по државата и граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Комесарот Хан во текот на денешниот престој и лично ќе може да се увери колку ваквите преписки се во духот на градењето дијалог и разбирање.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи