1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Сите мора да придонесат за стабилноста на еврото“

13 септември 2011

Германската канцеларка Ангела Меркел во радио интервју повика на разум во дебата околу кризата на еврото. Во дебатата за кризата на еврото за првпат јавно се вмеша и американскиот претседател Барак Обама.

https://p.dw.com/p/12Xiz
Канцеларката МеркелФотографија: picture-alliance/dpa

Несигурноста на меѓународните финансиски пазари е ионака голема, оцени канцеларката Ангела Меркел во интервју за германското радио РББ. Затоа сега мора да ги вложиме сите сили во задржување на единството во евро-зоната, порача Меркел. Со тоа таа индиректно го искритикува вице-канцеларот и претседател на помалиот коалиционен партнер во германската влада, Филип Реслер, кој со изјавите за контролиран банкрот на Грција предизвика дополнителна нервоза на берзите.

Puzzlebild Triptychon EU Euro Symbolbild Eurobonds Dossierbild 1
Фотографија: picture alliance/chromorange

Меркел ја повика Грција да се придржува до ветените мерки за штедење и да ги зголеми напорите во таа насока. Канцеларката исто така порача дека сега сите земји членки на Унијата мораат да дадат придонес за финансиската стабилност:

„Во монетарната унија, каде се вклучени 17 земји, можеме сите да имаме стабилно евро, само ако спречиме неконтролирани процеси. Затоа сега најважно е да спречиме да дојде до неконтролиран банкрот, бидејќи тоа нема да ја погоди само Грција, туку постои голема опасност дека ќе бидат засегнати и голем број други земји. Затоа неодамна реков дека ако настрада еврото, ќе настрада Европа!“

Обама ги повика Европејците на решителна борба против кризата

US-Präsident Obama fordert Gaddafis Machtverzicht
Претседателот ОбамаФотографија: AP

Голема загриженост за можните глобални последици од кризата во евро-зоната изрази и американскиот претседател Барак Обама. Во интервју за германската новинска агенција ДПА, тој ги повика сите Европејци на решителна борба против кризата. Се’ додека не се надмине кризата во евро-зоната, светското стопанство ќе покажува знаци на слабост. „На крајот на краиштата големите земји во Европа и нивните лидери треба да се сретнат и да донесат одлука за тоа како монетарната унија да ја надополнат со подобро координирана буџетска политика“, нагласи Обама.

Автор: ГЧ/ АТ/ дпа/ дапд/ дв

Редактор: Александра Трајковска