1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите ги осудуваат, но изборни насилства се случуваат

3 октомври 2017

Синоќешниот напад врз кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, ги засили предупредувањата: да не се повтори 2008 година, кога животот го загуби едно лице, а изборниот процес беше исполнет со тешки инциденти

https://p.dw.com/p/2l8RW
Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

За десет дена од изборната кампања, двајца учесници на локалните избори се „згрижени“ во здравствени установи. Минатата недела, носителот на советничка листа во Кичево, Алит Абази, беше застрелан од огнено оружје. Напаѓот беше приведен и веќе му е одредена мерка притвор, но до денес не се потврдени првичните сознанија дека нападот бил инициран од приватни, а не од изборни причини. Полицијата сега треба да утврди кои биле сторителите на синоќешниот напад на Елвис Бајрам, актуелен градоначалник и кандидат за нов мандат во општината Шуто Оризари, и на неговиот шеф на кабинет, Аднан Мемет. Двајцата биле нападнати додека вршеле обиколка на општината во рамките на предизборната кампања. Од Министерството за здравство велат дека Елвис Бајрам е надвор од животна опасност, а раната му била санирана со шест конци. Пред болницата „Осми септември“ синоќа беа собрани поддржувачи на Бајрам, а таму беше и неговиот татко, пратеникот Амди Бајрам, кој повика МВР да го расчисти случајот.

Според Мемет, тој и Бајрам биле нападнати кога дошле пред штабот на противкандидатот од СДСМ, Курто Дудуш.

„Јас сум повреден со шипка, а градоначалникот со шипка и секира“, изјави Мемет. Жители на општината, пак, тврдат дека инцидентот се случил кога групата на Елвис Бајрам била затекната како кине изборни плакати на неговиот противкандидат. Од друга страна, извори со кои контактирала невладината организација „Цивил“, која го мониторира текот на кампањата и изборниот процес, изјавиле дека не се работи за политичка пресметка, туку за расчистување приватни недоразбирања. За инцидентот кој се случил околу 18 часот на улицата „Гвадалахара“ и на Меѓународниот ден на ненасилството (2-ри октомври), официјален одговор денеска треба да даде полицијата.

Mazedonische Roma protestieren gegen Diskriminierung
Фотографија: Petr Stojanovski

Кај што е тенко, таму се кине...

Шуто Оризари, најголемата ромска општина во Македонија, во секој изборен циклус е „домаќин“ на некаков инцидент. Во неа живее најранливата категорија граѓани што процентуално најмногу ги пополнува статистичките графи за невработеност и за сиромаштија. Речиси 90 отсто од нив живеат на работ на егзистенција, а политичките партии изборно „играат“ токму на нивните социјални проблеми и ги третираат како гласачка машинерија. Насловите од новинските архиви сведочат за ваквите состојби: „СДСМ со расипано месо поткупува гласачи во Шутка“ (2011), „ВМРО-ДПМНЕ купува ромски гласачи со зејтин и вреќи брашно“ (2013), „Шекеринска нападната од Амди Бајрам“ (2014), „Изборен поткуп на Ромите со огревно дрво“ (2016)...

„Полицијата мора да го расчисти овој случај за да не расте гневот. Ако некој денес е нападнат, а надлежните не го расчистат случајот, одмазда до напаѓачите ќе следува по изборите“, вели новинарот Дехран Муратов, потсетувајќи на таква практика во минатиот период.

Тој ги следи изборните процеси во општината и констатира дека таа е третирана како гето и дека не се работи на едукација на гласачите.

„На гласачите во Шуто Оризари никој не им дели советодавни флаери, не им ги објаснува правата и обврските. Голем дел од нив не знаат дека не смее да добиваат зејтин, брашно или 1.000 денари за да гласаат за некого. По вакви инциденти важно е и полицијата да демонстрира дека не е нечија партиска, туку на сите граѓани, и да биде присутна во општината. Особено, откако во изминатите десет години 'редот' таму го спроведуваше приватна агенција за обезбедување, а полицијата  воопшто не беше присутна“, вели Муратов.

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Да не се повтори 2008 година!

Пред почетокот на изборната кампања сите кандидати за градоначалници потпишаа Кодекс за фер избори. Но, штом падне мрак, паѓаат стакла на изборни штабови, се кинат изборни плакати на опонентите... Партиите ги осудуваат ваквите настани, вклучително и вчерашниот. 

„СДСМ најостро го осудува насилството што се случило во скопската општина Шуто Оризари. Очекуваме МВР и надлежните институции до крај да го расчистат случајот, а виновниците да бидат изнесени пред лицето на правдата согласно со законите. Ги повикуваме сите граѓани и политички субјекти да не подлегнуваат на провокации и да останат посветени на спроведувањето фер, слободни и демократски избори“, повика СДСМ.

И ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди физичкиот напад врз Елвис Бајрам, оценувајќи го како уште едно грубо и брутално нарушување на изборниот процес, а за сето тоа ги обвини институциите на Владата предводена од СДСМ.

„Институциите покажуваат недостаток на капацитет и способност да ги расветлат ваквите настани, додека органите под контрола на СДСМ се активно вклучени во нарушување на изборната атмосфера (...) Има сериозни дамки врз изборниот процес. Пукање, физички пресметки, тешки телесни повреди, злоупотреба на полиција во изборни цели, закани, притисоци, искршени штабови, партиски агитирања од членови на изборните комисии - е само мал дел од сликата која СДСМ ја гради и доказ за нервозата поради поразот на 15-ти септември“, обвини ВМРО-ДПМНЕ, набројувајќи 11 поединечни примери за такви настани.

Граѓанската организација „Цивил“ повика да се запре насилството, за да не се повтори 2008 година, позната по тешки изборни нерегуларности и екстремно насилство во изборниот процес, кога животот го загуби едно лице, а изборниот процес беше исполнет со тешки и насилни инциденти.