1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикатите му го загорчуваат животот на Макрон

Андреас Нол
3 април 2018

Се работи за привилегии, но пред сѐ за прашањето - колку силно претседателот Макрон сака да ја реформира земјата. Франција е соочена со голема борба меѓу владата и синдикатите. Кој ќе победи?

https://p.dw.com/p/2vOg9
Landesweiter Streik in Frankreich Ausschreitungen
Фотографија: Reuters/C. Platiau

Железничарите ги остваруваат своите закани од изутринава. Тие штрајкуваат против планираната реформа во државната железница и го парализираа превозот на шини речиси сосема. Во штрајкот се вклучени повеќе од три четвртини од машиновозачите на државната железница СНФЦ.

Животот на Французите ќе биде полн со пречки не само денеска, туку и во наредните недели. Најавени се штрајкови не само на машиновозачите, туку треба да се смета и со отпад на тротоарите поради штрајк на комуналните претпријатија, со немање струја во фабриките поради штрајк на вработените во енергетскиот сектор, па дури и со пречки во авиопревозот, поради штрајк на вработените во Ер Франс.

Француските синдикати четири месеци си ги лекуваа раните од тешкиот пораз во штрајкувачката есен 2017-та. Тогаш тие успеаја да издејствуваат од владата некои отстапки во реформата на работното право, но не можеа да спречат олабавување на пазарот на работна сила. Напротив, на владата ѝ успеа да ги подели синдикатите и да го држи во граници незадоволството на населението. Мобилизацијата на луѓето за штрајкови и демонстрации беше за француски услови - слаба. Тоа пролетва би требало да биде поинаку.

Спорни привилегии за малкумина

Во центарот на штрајковите е високо задолжената државна железница СНФЦ, која би требало да се направи „фит“ за меѓународна конкуренција. Реформата на владата за СНФЦ предвидува нововработените машиновозачи во иднина да се откажат од своите привилегии, меѓу кои е и заминувањето во пензија речиси 10 години порано од границата во Франција предвидена за пензионирање. Синдикатите најавуваат дека борбата против реформата на 45 милијарди евра задолжената железница ќе трае до крајот на јуни. Членовите на железничарските синдикати ЦГТ, ЦФДТ и другите ќе штрајкуваат два дена, а потоа ќе работат три дена и така наизменично.

Frankreich Streik gegen Bahnreform
Пероните полни со луѓе, возови нема: изутринава почна штрајкот на машиновозачитеФотографија: picture-alliance/abaca/P. Batard

Денеска во повеќе региони во Франција почнуваат и штрајковите на комуналните претпријатија за отпад. И тука во центарот на протестите е пензионирањето. Во некои професии каде што е загрозено здравјето, како селекторите на отпад или луѓето задолжени за метење улици, би требало да е можно да се замине порано во пензија најмалку пет, а по можност дури и 10 години порано од законски предвидената граница за пензионирање, бараат синдикатите. Освен тоа, се бараат и повисоки плати.

Вработените во енергетската бранша (струја и гас) ќе штрајкуваат три месеци против либерализација во браншата. Во авиосообраќајот штрајкот се ограничува на барањето за повисоки плати - за вработените во Ер Франс синдикатите бараат зголемување од 6%.

Опасност за Макрон?

Синдикатите се обидуваат да ја притиснат владата од повеќе страни, но за Макрон и премиерот Едуар Филип особено опасен може да биде штрајкот во железницата. Според анкетите, мнозинството Французи му дава поддршка на намалувањето на привилегиите во железницата, но експертите предупредуваат: доколку јавниот живот во земјата е парализиран подолго од две недели, Французите ќе станат немирни, што значи притисокот ќе се сврти врз Владата.

Belgien EU-Gipfel - Emmanuel Macron
Макрон ги одмерува силите со синдикатите, Франција соочена со бран штрајковиФотографија: Reuters/F. Lenoir

Примери за такво нешто од минатото има доволно. Овие денови во француските медиуми особено често се спомнува есента 1995-та. Тогаш младиот премиер Алан Жипе претстави амбициозна пензиска реформа, т. н. План Жипе. И Жипе се зафати со намалување на привилегиите во СНФЦ (долговите тогаш изнесуваа околу 25 милијарди евра), но кратења беа предвидени и во други бранши. Синдикатите штрајкуваа со недели и го парализираа јавниот живот. На крајот владата попушти под притисокот на улицата. Премиерот Жипе, кој во првите денови од штрајкот исклучуваше можност за попуштање, беше политички стигнат до својот крај.

Повеќе:

Макрон- спасител или мачител на Франција?

Како да се реформира Франција?

Отворен исход

Меѓутоа, колку паралели и да има, сепак има и клучни разлики. За разлика од претседателот Жак Ширак во 1995 година, Емануел Макрон во 2017-та со реформската агенда влезе уште во изборната кампања. Освен тоа, според анкетите, зголемен е уделот на Французите кои по повеќедецениски дебати ја прифаќаат неопходноста од реструктуирање на државата.

Притоа, раководството во Франција - споредено со Харц-реформите на владата на Герхард Шредер во Германија - постапува прилично „нежно“. Иако државното задолжување во меѓувреме стигнува до границата од 100%, претседателот Макрон има намера да скрати само 120.000 од околу 5,6 милиони работни места во јавната дејност, и тоа до 2022 година.

Landesweiter Streik in Frankreich Ausschreitungen
Крај на играта - за кого?Фотографија: Getty Images/AFP/P. Huguen

Појдовните позиции со кои се влегува во одмерување на силите се јасни, но што од борбата на владата и синдикатите ќе излезе на крајот, ретко кој се осмелува да прогнозира. Политичката динамика во Франција едноставно е премногу непредвидлива.

Сепак, јасно е дека ако владата попушти под притисокот на улицата, може да пропадне пензиската реформа планирана за 2019 година. Синдикатите и тоа го имаат предвид и се надеваат на добра временска прогноза за штрајкот во наредните недели. Непријатните есенски денови во секој случај не беа од помош за мобилизација на штрајкувачи во 2017-тата.