1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симболиката на пресудата за Радован Караџиќ

Здравко Љубас/сн23 март 2016

Во Хаг утре треба да биде изречена пресудата против некогашниот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ. Пресудата на Трибуналот нема да биде прва пресуда против Караџиќ за злосторства извршени во војната во БиХ.

https://p.dw.com/p/1IIFv
Фотографија: AP

Нусрета Сивац, пред војната судија во Основниот суд во Приједор, не е премногу возбудена околу претстојната пресуда против поранешниот лидер на босанските Срби Радован Караџиќ. „Јас лично не очекувам ништо спектакуларно што се однесува до пресудата“, вели Сивац за ДВ. „Не знам со какви докази располага судот, а друго е она што ние го знаеме, ние кои поминавме низ тој пекол во Приједор во 1992. година.“

За пеколот низ кој и сама поминала, сведочела повеќе пати. Затоа што не е Србинка, веднаш по преземањето на контролата врз Приједор од страна на Српската демократска партија (СДС), забрането ѝ е понатаму да работи во судот. Потоаѝ е наредно, исто како и на сите други Бошњаци и Хрвати во Приједор, на својата рака да стави бела лента како знак за распознавање. Наскоро била повикана на информативен разговор во полиција. Нејзините дотогашни колеги веќе „не ја познаваат“, а наместо во полиција, на разговор завршува во нешто што Европа не го видела уште од Втората светска војна- во концентрациониот логор Омарска, еден од најозлогласените во приједорскиот регион. Преживеала 2 месеци страотни работи. Својот живот го посветила на сведочења за ѕверствата сторени во Приједор.

Aktionstag Weisses Armband in Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Davorin Sekulic/Klix.ba

Приједорчанки против Караџиќ

Идејата за тужба против Радован Караџиќ е иницирана уште во 1995. година меѓу Приједорчанките кои засолниште побараа во соседна Хрватска. Меѓу нив била и Нусрета Сивац. Со помош на американската професорка по право Кетрин Мекинон започнуваат иницијатива за тужба. Чекањето ќе потрае 5 години, пред њујоршката адвокатска кацеларија Пол, Вајс, Рифкинд, Вотон и Герисон да реши да го преземе случајот и пред судот во Њујорк да ги застапува двете приједорски невладини организации и неколку жени во случајот против Караџиќ.

„Тоа беше цивилна постапка против Радован Караџиќ. Се работеше за барање на отштета и пресудата е веќе донесена. Таа постапка не е поврзана со кривичната одговорност поради која му се суди во Хаг“, објаснува Сивац. Обвинетиот, додава таа, никогаш не се појавил пред судот, а неговиот правен застапник не се појавуваше често, правдајќи се дека „премногу му е тешко да ги слуша сведочењата на преживеаните жртви.“

Богатство во симболиката на пресудата

Пресудата беше во полза на жртвите. На Караџиќ, во американски манир и во согласност со американските закони, документот со кој се налага на жртвите да им исплати отштета во вредност од речиси 750 милиони американски долари, му е и лично врачен. Нусрета Сивац, за ужасот кој го преживеала, од тој износ треба да добие околу 35 милиони долари, но се сомнева дека некогаш ќе дојде до исплата. „Јас сум богата на хартија. Се сомневам дека некогаш ќе ги добијам тие пари, но пресудата е важна оти има симболика. Таа, на некој начин е и морална и историска победа, бидејќи предизвика позитивни реакции во САД и светот“, вели Сивац и заклучува: „Помина многу време од тогаш. Секако, парите никогаш не ги добив, но ете, парите во овој случај не се ни толку важни.“

Nusreta Sivac
Нусрета СивацФотографија: DW/Z. Ljubas

На Радован Караџиќ, кој е уапсен во јули 2008. година по долгогодишно криење, пресудата пред Трибуналот во Хаг ќе му биде изречена на утре (24. март 2016.) Обвинет е за геноцид, вмешаност во геноцид, убиства, казнувања, депортација, нехумани акти и останати злосторства сторени против Бошњаци, Хрвати и друго несрпско население во БиХ.

Во обвинувањето, помеѓу останатото, се наведува и злосторството геноцид во Приједор, на чија територија 1992. година постоеја околку 20 поголеми и помали логори, меѓу кои најозлогласени биле Омарска, Кератерм и Трнопоље. Се проценува дека на подрачјето на Приједор се убиени или исчезнале повеќе од 5.200 луѓе, поголемиот број Бошњаци и Хрвати.

Историската пресуда против Караџиќ во Хашкиот Трибунал, смета Нусрета Сивац ќе дојде и ќе пројде, а луѓето ќе продолжат да живеат. Проблем, вели таа, не само во Приједор туку и во цела БиХ, е „неприфаќањето на нашето жално, тешко и мачно минато“, и додава дека „политичкиот естаблишмент на Република Српска никогаш не се ни оградил од злосторствата а да не зборуваме пак да ги осуди“.