1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеништето на расизмот

Керстен Книп/превод: Ж.А.8 јануари 2016

Потеклото на осомничените деликвенти од новогодишната ноќ во Келн на многу медиуми им предизвикува главоболки. Очевидци зборуваат за „Арапи и Северноафриканци“. Смее ли тоа да се наведе? Безусловно, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/1Ha7D
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij

Од времето на Викиликс, за државните служби ширум светот во врска со интерната комуникација важи следното: ако не се внимава претерано, ќе се најде начин таа да протече во јавноста. Очигледно така се случи и со интерниот извештај на еден раководен полициски службеник кој бил на служба во новогодишната ноќ во Келн. Извештајот, всушност наменет исклучиво за интерна службена употреба, речиси во интегрална форма се најде во најголемиот германски булеварски весник, „Билд“. Бројни медиуми го презедоа, па така овој извештај сега им е познат на милиони луѓе.

Суштествени обележја на деликвентите

Публиката дозна дека полицијата како суштествено обележје на прекршителите го споменува нивното потекло, и тоа неколкупати во извештајот. Станува збор за „околу илјада главно машки лица со миграциско потекло“; жените и девојките на полицајците им пријавувале сексуални напади извршени од страна на „бројни мигранти или групи мигранти“, освен тоа, констатиран е голем број мигранти во рамките на акциите на покраинската полиција. Извештајот опишува и одделни сцени. Полицајците доживеале одредени лица пред нив да ги искинат доклументите за привремен престој, проследени со забелешката: „Ништо не ми можете, утре ќе си набавам нов документ“; во извештајот е цитирана и една друга изјава: „Јас сум Сириец, морате да се однесувате пријателски кон мене, госпоѓа Меркел ме покани“.

Извештајот отвора криминалистички, новинарски и политички проблем, истовремено и филозофски: што го сочинува идентитетот на еден човек? Или поинаку формулирано: според што другите одредуваат нечиј идентитет? За полицајците на службена должност очигледно било и е јасно: тоа е потеклото. Во ситуација во која за деликвентите инаку не постојат речиси никакви информации, за полицијата, како и за стотината женски жртви, очигледно најзначаен белег е потеклото.

Од новинарски и политички аспект, овие скудни описи на идентитетот се опасни. Имено, прашањето гласи: каков заклучок се изведува од нив? Германскиот новинарски кодекс во овој случај нуди само ограничена помош: потеклото на некој сторител на кривично дело се наведува само во случај ако постои основана поврзаност со делото. Зашто, споменувањето на потеклото на некој човек лесно може „да поттикнува предрасуди против малцинствата.“

Кнтрапродуктивен молк

Во Германија, барем образованите луѓе се обидуваат да ги избегнуваат предрасудите. Тие се навикнати на строго диференцирање, не само во поглед на мигрантите. Но, желбата пред нив да се сокрие или да се минимизира во овој случај можеби значајно идентитетско обележје, имено, потеклото, кај нив предизвикува лутина.

Тие се револтирани и од причина што премолчувањето на потеклото претставува потсмев кон сите европски интелектуални традиции и стандарди. Од каде доаѓаш?-тоа е омилено прастаро, не само европско прашање, кое не е дискриминирачко, туку длабоко човечко, изразува сочувство и интерес.

Потеклото и еманципацијата

Притоа, прашањето за нечие потекло е интересно и од филозофски аспект: можно ли е воопшто апстрахирање на луѓето од нивното потекло? Дали може да се замисли некој човек без неговите опкружувачки координантни системи од време и простор? Ако е одговорот потврден, тогаш во колкава мерка? Колку се луѓето воопшто во можност да се дистанцираат од своето потекло?

Силата на печатот кој го врши потеклото, во целина е толку голема, што сите обиди човек да и‘ се спротивстави, редовно предизвикуваат восхитување. Нов почеток, еманципација, работа на самиот себе си, не случајно се централните вредности на модерната, новата просветителска епоха. Колку деликвентите од келнската новогодишна ноќ ги прифатиле овие вредности, формулирано воздржано - засега се чини неизвесно.

Сеништето на расизмот

Но, ова нема да ги одврати најголемиот дел од Германците натамошно да ја следат дебатата околу миграцијата и бегалците кои доаѓаат во земјата со нужното диференцирање. Притоа, ним им е битно да добијат суштински информации, а не само оние за кои надобудни новинари сметата дека се добри за општествената клима. Мнозинството луѓе алергично реагира на вакви навреди.

Затоа, дебатата мора да се води отворено и без ограничувања. Зашто, политичкото сениште на расизмот, кое наводно добронамерните сакаат да го изгонат, ќе биде намамено токму преку нивното дрско туторство!