1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сенатот ја изгласа правосудната реформа во Полска

ЕМФ / дв
22 јули 2017

Спорната реформа на правосудството во Полска ја мина и последната пречка во парламентот. По долниот дом на парламентот, ноќеска и Сенатот даде зелено светло за законот кој предизвика протести ширум земјата.

https://p.dw.com/p/2h03G
Polen Parlament stimmt Justizreform in Warschau zu
Фотографија: picture-alliance/PAP/L. Szymanski

Текстот на законот помина без какви било промени, јави полската агенција ПАП. Со тоа Сенатот ги игнорира заканите со санкции од страна на Европската Комисија и големиот број предупредувања во земјата и од странство. Во двата дома на парламентот доминира национал-конзервативната партија Право и правда (ПиС). Сега законот треба да го потпише претседателот на земјата Анджеј Дуда, кој ја има поддршката на ПиС.

Реформите би требало да ѝ овозможат на владата да испраќа во пензија судии од Врховниот суд и на нивни места да носи нови луѓе. Нови луѓе треба да дојдат и во Судскиот совет. Критичарите стравуваат дека таков Врховен суд во иднина би можел дури за неважечки да ги прогласува и изборите во иднина.

Polen Protest gegen Justizreform in Warschau
Илјадници луѓе ширум Полска протестираат против реформата во правосудствотоФотографија: picture alliance/AP Photo/A. Keplicz

Против реформата ширум земјата протестираат десетици илјади луѓе. Тие сметаат дека во опасност се независноста на судството и поделбата на власта во земјата. Политичарите на ПиС, пак, објаснуваат дека со реформата правосудството би требало да се направи поефикасно, а треба да му се зголеми и одговорноста. Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, предупреди дека поради реформата на правосудството Полска е соочена со закана да биде турната настрана во Европската Унија.

Десетици илјади протестираа во Варшава