1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сенатот ја изгласа новата италијанска влада

ЕМФ /агенции
6 јуни 2018

Италијанскиот Сенат со јасно мнозинство ја изгласа новата влада на Џузепе Конте. Премиерот најавува „популистичка“ политика.

https://p.dw.com/p/2z01B
Italien Giuseppe Conte, Premierminister | 1. Senatssitzung
Фотографија: Reuters/A. Bianchi

За коалиционата влада составена од популистичкото Движење 5 ѕвезди и десничарската Лега Норд гласаа 171 сенатори, додека 117-мина беа против. Воздржани беа 25 сенатори. Согласноста на Сенатот за владата ана Конте, со оглед на распоредот на местата, беше очекувана. Владејачките партии имено заедно имаат 167 сенаторски места. Денеска за владата треба да се гласа во Пратеничкиот дом, каде мнозинството на владејачките партии е уште поголемо.

Џузепе Конте на политичката бина досега е главно неиспишан лист. Професорот по право на Универзитетот Фиренца не припаѓа на ниту една партија, но е близок до Движењето 5 ѕвезди. Шефот на 5 ѕвезди, Луиџи Ди Мајо и лидерот на Лега, Матео Салвини се согласија за Конте како за компромисен кандидат за премиер. Ди Мајо и Салвини се вицепремиери и ги водат ресорите за економски развој и за внатрешни работи. Дел од набљудувачите стравуваат дека Конте нема да може да остави свој печат врз работата на владата.

Во својот прв говор во Сенатот, новиот италијански премиер побара поддршка за плановите на неговата „Влада на промени“. Според него, владата со право се нарекува „популистичка“: „Доколку со популизам се мисли на ставот на раководниот слој да ги слуша потребите на луѓето (...), тогаш, добро, овие партии го заслужуваат ваквиот опис“, рече Конте.

Italien Rom Guiseppe Conte
Џузепе Конте побара отворање кон РусијаФотографија: Reuters/A. Bianchi

Тој се спротивстави на политиката на доселување на ЕУ и нагласи дека неговиот кабинет сака да ја запре илегалната миграција. Новиот италијански премиер побара „автоматска“ прераспределба на барателите на азил во ЕУ. Даблинскиот договор мора да се промени, уверен е тој. Според правилата на Даблинскиот договор, мигрантите мора да поднесат барање за азил во земјата во која за првпат стапнале на територија на ЕУ. Со тоа, Италија или Грција го носат најголемиот товар. Миграцијата е првиот тест за  новата форма на дијалот на Италија со европските партнери. Конте рече дека Италија е и натаму во срцето на Европа, која новата влада сака да ја направи посилна и поправедна. „Европа е нашиот дом“, подвлече тој.

Повеќе: Италија - Аванти дилетанти!

Промена на курсот е најавена и во делот на буџетската политика. Италија е подготвена за намалување на големото државно задолжување, сигнализираше Конте. Меѓутоа, тоа би требало да се постигне „со пораст, а не со помош на мерки на штедење“. Напуштање на еврозоната не е тема. Приоритет на владата е намалување на социјалните проблеми, рече Конте во Сенатот. За таа цел, според него, правилата на еврозоната би требало да се насочат кон „помош на граѓаните“. Италијанците имаат право на минимална плата, нагласи Конте.

По определбата за НАТО, Конте во говорот најави и дека Италија сака повеќе да се отвори за Русија. „Системот на санкции“ против Москва би морало да се преиспита, рече новиот италијански премиер.