1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот уште гладува

Хеле Јепесен/З. Јордановски12 октомври 2015

Војните денес се поинакви отколку порано, но се’ уште последици на оружени конфликти се глад и бегство. Тоа произлегува и од новиот Индекс за гладот во светот, што денеска беше објавен во Берлин.

https://p.dw.com/p/1Gmep
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Abbott

Светската карта на која е прикажана состојбата со гладот во светот е битен елемент на годишниот Индекс за гладот во светот, што веќе 10 години го објавуваат германската организација Помош против гладот во светот, Меѓународниот институт за политиката за исхрана и развој - ИФПРИ и ирската хуманитарна организација Грижа ширум светот. Тежиште на годинашниот извештај се сивите дамки на картата, кои ги означуваат областите за кои нема податоци за состојбата со гладот. Со таа боја се означени речиси сите земји од кои во моментов милиони луѓе се во бегство поради војни и конфликти, оти нема сигурни податоци од земји како Сирија или Либија. Но, може да се претпостави дека ситуацијата е многу сериозна, дури и тешка, вели Андреа Зонтаг, референт за политиката за исхрана во организацијата Помош против гладот во светот.

Тоа, според неа, се однесува и на земји како Демократска Република Конго, Судан, Јужен Судан или Сомалија, каде не станува збор за војни во класична смисла. „Покрај националните армии, има и бунтовници, паравоени формации, криминални банди. Во тие војни навистина има помалку жртви околку во класичните, но во секој случај во нив се брише границата помеѓу воените и цивилните актери“, укажува Зонтаг. „Владите честопати немаат контрола врз големи делови од територијата на државата и таму веќе не можат да гарантираат сигурност во снабдувањето со храна“.

Се намалува екстремниот глад

Во актуелниот Индекс се анализираат не само влијанијата на конфликтите врз светската ситуација со исхраната, туку и развојот помеѓу 2000. и 2015. година. Користени се податоци од статистиките на повеќе организации на ОН, првенствено од Светската организација за исхрана - ФАО. Резултатот од споредбата е позитивен: „Во последните 15 години размерите на гладот во земјите во развој, што ги мериме во нашиот Индекс, се намалени за повеќе од една четвртина, односно за 27 проценти“, вели Андреа Зонтаг. Податоците за состојбата со гладот во 17 земји се подобрени за 50 проценти, па и повеќе, иако ситуацијата во 52 од 117 опфатени земји и натаму е сериозна или многу сериозна, нагласува Зонтаг.

Infografik Welthunger-Index 2015 nach Schweregrad DEU
Африка и Азија се најпогодени региони во светот

Може ли од тоа да се извлече подолгорочна перспектива во однос на гладот во светот? Роман Хере од меѓународната организација за човекови права ФИАН е скептик: „За 20 години бројката на гладните во светот само е намалена од една милијарда на 800 милиони луѓе“. Тој наведува и дека уште други две милијарди луѓе страдаат од недоволна исхранетост.

Кругот на неисхранети е многу поширок

Според дефиницијата, тие 800 милиони се луѓе кои секој ден гладуваат, а тука не се опфатени оние кои се недоволно исхранети или кои гладуваат само три месеци во годината. Затоа двете милијарди луѓе опфатени во категоријата недоволно исхранети, се многу поблиску до општото сфаќање за тоа што значи глад, нагласува Роман Хере од германската секција на ФИАН, организација која се концентрира врз темата исхрана како човеково право. Поглед во медиумите во светот дава потврда на статусот на Индексот за глад во светот: минатата година медиуми во речиси 50 земји известуваа за прикриен глад, што беше и тежиште на Годишниот извештај.

Jemen Kinder Hunger
Кризата во Јемен ја влошува состојбатаФотографија: Reuters/K. Abdullah

Иницирани се парламентарни дебати

Едноставната карта на гладот во светот постојано предизвикува и политичко влијание. Индексот за глад во светот и оцената за Индија секоја година таму е тема и на парламентарна дебата, укажува Андреа Зонтаг, која работи на подготовката на Годишниот извештај. Индиските медиуми му посветуваат големо внимание на извештајот, а владата на премиерот Моди сега, веројатно ќе мора да се соочи со остри забелешки и прашања за сузбивањето на гладот во таа земја. Во годинашниот извештај состојбата во Индија е категоризирана како „тешка“ - полошо отколку африкански земји како Камерун, Кенија или Уганда.

Андреа Зонтаг кажува дека минатата година, на пример, протестирала владата на Источен Тимор, каде ситуацијата исто така е многу сериозна. Според неа, Индексот за глад во светот во многу земји се користи како инструмент за да се направи биланс на успесите или неуспесите во сузбивањето на гладот или пак од граѓанското општество за да се врши притисок врз владата. Индексот, вели Зонтаг, исто така се користи и од земјите-донатори кога донесуваат решенија за доделување средства за сузбивање на гладот.