1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секоја планина со своја тежина

Силвера Падори12 февруари 2009

Меѓу политичките разговори во Берлин, македонскиот вицепремиер Ивица Боцевски во македонската амбасада се сретна со иселениците кои лобираа за сопствените интереси, но имаа и прашања за најобични животни теми.

https://p.dw.com/p/GsGG
Надлежен за европски прашања во македонската влада: Ивица БоцевскиФотографија: DW

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Ивица Боцевски и во Берлин ја продолжи востановената практиката - секаде во странство, каде престојува, да се среќава со луѓето од дијаспората. Според него, значајно е и мора да се одржи живата врска со Македонците во странство. Така беше и во Берлин. Во релаксирана атмосфера, со чаша вино и без големи говори мина средбата на вицепремиерот со триесетина Македонци кои живеат во германската престолнина.

Vizeministerpräsident Ivica Bocevski mit Makedoniern in Berlin 2
Боцевски на средбата со Македонците во БерлинФотографија: DW

Како што се вели “секоја планина своја тежина”, па Македонците од Берлин пренесоа дел од проблемите што ги мачат. А, вицепремиерот си зеде за обврска чуеното да го пренесе до оние, на кои забелешките се упатени.

И ракувањето е понекогаш доволно

Многумина од Македонците сакаа едноставно да се поздрават со вицепремиерот, да кажат два-три збора за себе, да се фотографираат. “Остаревме тука. Дојдов сам и тука создадов семејство. Имам три сина” - топло се претстави еден Македонец кој сакаше и да се фотографира со вицепремиерот.

Најбројни беа оние кои проговорија за најгорливото прашање: името и спорот со Грција. „Што се однесува до идентитетот и името, не смеете да попуштите. На прав пат сте и Грците ќе загубат. Само барам заедништво. Точно е дека во политиката треба да се почитува и туѓото мислење, но кога станува збор за идентитетот, тука сите треба да се сложни. Јас како музичар не само во Германија, туку и секаде каде што патувам, гледам дека Македонците некако не се сложни. Има македонски клуб и црква, на пример. Тие што се под црквата не одат во клубовите и обратно, јас не можам да ја сфатам таквата разединетост. Во политиката секој сака да дојде до некакви позиции, но кога е во прашање идентитетот не смее да има различност“, порача еден од активните иселеници во Берлин.

Може ли да помогне владата?

Може ли Владата да направи нешто во поддршка на здружувањето на Македонците? Здружувањето е предмет на иселениците. Дипломатски претставништва се тука да ги охрабрат во нивно здружување - порача Боцевски.

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski
Боцевски смета дека средбите со иселениците се важниФотографија: DW

Иселениците имаа и конкретни прашања. На пример, кога ќе може да гласаат? “Не на овие локални и претседателски, туку на наредните парламентарни”, одговори заменик премиерот.

Може ли да Владата да придонесе за некаква олеснителна постапка за добивање визи за родителите на оние, кои се веќе во Германија? Издавањето визи е внатрешна работа на Германија. Но, целосното ослободување од визниот режим со земјите членки на ЕУ се очекува до крајот на годината, нагласи Боцевски.

Присутните имаа забелешки и на културната политика, на неажурноста на министерствата. “Владата треба посебно да обрне внимание на дијаспората. Има вредни и луѓе со идеи. Комуникацијата со министерствата е слаба, зашто не одговараат на пораки. Може човек да испрати десет меила и да не добие одговор. Тука нештата мора да се сменат“ - побараа на средбата со вицепремиерот Ивица Боцевски Македонците кои живеат во Берлин.