1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сега конечно сторете нешто за климата!

Барбара Везел Превод: Зоран Јордановски30 ноември 2015

Во Париз се собрани околу 150 шефови на држави или на влади, за на почетокот да му дадат политички поттик на самитот на ОН за климата. Крајно време е, по загубените години, да биде направен пробив, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1HEjG
Фотографија: M. Ralston/AFP/Getty Images

На самитот за климата во Париз ќе се бараат патишта за да се постигне магичната цел: конечно да се пропише за сите во светот задолжително ограничување на затоплувањето на климата на два степена Целзиусови. Со тоа, како што се надеваат научниците, донекаде би се спречиле најтешките последици од промената на климата. Последниот обид за утврдување на таа цел во 2009. година во Копенхаген доживеа катастрофален неуспех. Оттогаш, со исклучок на некои половични обиди, владее затишје.

Метеоролозите алармираат

Откако се мерат и бележат температурите, 2015. е поединечно најтопла, а последните 5 години се најтоплиот петгодишен период. Научниците регистрираа катастрофални врнежи од дожд во Кина и Јужна Америка, невремето предизвика рекордни штети на Филипините, а се’ поочајнички алармираат загрозените пацифички острови.

Само апсолутните игноранти, кои - со главата во песок - не сакаат да ги видат опасностите, уште оспоруваат дека судбината на сите нас е загрозена од последиците на промената на климата. За жал, меѓу нив спаѓа и Републиканската партија во САД. Но, барем претседателот Барак Обама во меѓувреме некоја успешна спогодба за климата ја смета за дел од своето завештание. Дури и Кина, во меѓувреме најголем загадувач на воздухот во светот, сега е подготвена барем да навести намалување на нејзините емисии на јаглероден диоксид.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Повеќе изјава за намери, отколку обврзувачка

До почетокот на конференцијата 170 земји упатија изјави со кои се обврзуваат дека ќе работа за посакуваната цел. Но, тоа уште не е причина за оптимизам: дури и кога сите би ги реализирале ветувањата, температурата на Земјата би се покачила за три степени - а научниците велат дека тоа е премногу.

И генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун веќе изјави дека таквите најави не се доволни. Знчаи, и покрај одредени добри предзнаци, стартот на оваа рунда преговори е закочен уште на првите метри. САД можат да се согласат само со договор чија реализација би била на доброволна база - задолжителен меѓународен договор би можел да биде блокиран во Конгресот во кој републиканците имаат мнозинство. Тоа е битна пречка.

Освен тоа, и натаму се неизвесни многу други позиции: како, на пример, ќе се однесува Индија, голема земја во забрзан подем, потоа дали земјите во развој на крајот ќе добијат доволно пари од индустриските држави како компензација за нивните напори и многу друго.

Нема место за национален егоизам

Успехот на овој самит за климата зависи од безбројни детали. Во Париз веќе нема место за национален егоизам, во прашање е иднината на целото човештво. Сите метаформи со часовници кој одбројуваат, а сказалките покажуваат 5 минути до 12 часот, се одамна потрошени. Овој самит мора конечно да донесе вистински голем исчекор напред. Од првиот договор во Кјото загубивме речиси 20 години. Со се’ поголем очај, човек посакува сега да им викне на шефовите на држави или на влади во Париз: ниедна војна, ниедни економски проблеми, ниедна бегалска криза, ниедна друга тема не е толку важна колку оваа - дејствувајте конечно!