„Северна Македонија“ - грешка или сигнал?
5 јуни 2009Во седиштето на Европската комисија нема коментари за тоа дали „Северна Македонија“, како што потпретседателот на Европската комисија ја именуваше Македонија, е личен став на Жак Баро, или пак, тој има информации дека тоа е евентуалното решение за името.
„Не, не сум во можност да одговорам на тоа прашање“, гласи лаконскиот коментар на дежурниот портпарол на Комисијата.
Од кабинетот на еврокомесарот за правда и вантрешни работи, денеска (05.06.2009) за Дојче веле, е повторено она што беше речено веднаш по вчерашната изјава на Жак Баро во Луксембург:
„Тоа е грешка од негова страна, на повеќепати тој рече ПЈРМ, и во еден момент направи грешка, тоа се случува. Тоа е грешка која се должи на заморот од прекумерната работа, но тоа не претставува ништо сериозно“, изјави за ДВ, Микаеле Черконе, портпаролот на Баро, додавајќи:
„Потпретседателот Баро секогаш го користи терминот „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Тоа беше случај во минатото и тоа е името со кое ќе се служи во иднина. Ако во еден момент, поради брзина или мала грешка од негова страна е наречена поинаку, тоа може да се оправда, бидејќи во дадени моменти можеме да згрешиме.“
Грешката се совпаѓа со актуелната дебата
Интересно е дека оваа „ненамерна грешка“ на еврокомесарот за правда и внатрешни работи се совпадна со усвојувањето на извештајот на Парламентарното Собрание на Западноевропската унија. Во овој извештај, шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт Фонт де Мора, оценува дека „предлогот ’Северна Македонија’ е најреалистичниот предлог кој досега бил претставен и претставува важен чекор кон решавањето на проблемот со името.“ Шпанскиот парламентарец, одлучно ја моли Македонија да „фрли попозитивен и пообјективен поглед на последните предлози на посредникот на ООН, особено за користењето на името ’Северна Македонија’.“
За ова име, како решение за долгогодишниот спор кој Македонија го има со Грција, пишуваа неколку угледни француски весници. А француските новинари при посетата на Груевски во Париз, залудно инсистираа да добијат одговор од македонскиот премиер дали името „Северна Македонија“ е прифатливо за неговата влада.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска