1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се слави Божик: Ако сееме правда, ќе жнееме добрина!

7 јануари 2017

Празникот на мирот е прилика да се испитаме себеси, колку го имаме и колку го градиме мирот - и во себе, и во семејствата, и на работните места, и насекаде, и со сите, порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан

https://p.dw.com/p/2VR71
Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Христос се роди! Поздравот што православните христијани си го упатуваат на денешниот празник Рождество Христово - Божик, во себе крие многу пораки, а сите водат кон една цел - да им се даде примат на љубовта, мирот, разбирањето, премостувањето на сите разлики... Токму свеста за потребата од овие вредности бележи огромен дефицит во Македонија во последниве години. Заради секуларноста или можеби од други причини, црковните великодостојници во изминатата година останаа дистанцирани од пораки посветени за надминување на моралната криза, која е во основата на правната и политичката. Тоа го сторија во предвечерјето на Рождеството Христово. 

„Како народ, како држава и Црква, ќе имаме и порадосни празници и поблагопријатни времиња доколку повеќе го градиме мирот меѓу нас, единството и слогата, разбирањето и почитувањето, како и достоинството свое и на другите“, потенцира во божикната порака архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Притоа потсети и на поуката на Свети Климент Охридски: „во љубовта да се натпреваруваме еден со друг...“
„Но, за жал, и по 20 столетија човештвото не ја разбра ни љубовта, ни жртвата, ни пораката Божја поднесени и упатени за мир и единство меѓу народите. Па, никогаш досега немало вакви спротивставувања и непријателства меѓу народите, вакви прогонства и страдања на невини луѓе, вакви обезвреднувања на човечките животи и уништувања на материјални добра и постигнувања. Народите како да заборавија дека токму мирот на земјата и добрата волја меѓу луѓето, се најголемото богатство и траен благослов од Бога. Божик - празникот на мирот е прекрасна прилика да се испитаме секој себеси, и тоа колку имаме и колку го градиме мирот - и во себе, и во семејствата, и на работните места, и насекаде, и со сите. Впрочем, ако сееме правда - ќе жнееме добрина!“, порача поглаварот на МПЦ-ОА.

G.G. Stefan
Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. СтефанФотографија: MIA

Нејасна морална матрица

Овие пораки не може да се подведат само под поимот „верски“. Тие во својата суштина се етички пораки кои треба да бидат иманентни постојано, а не со празничен „рок на важност“. Зошто не успеваат да фатат корен? Дали е толку изгубен ориентирот кон вредностите кои животот го прават сочувстителен со другите, духовно и морално богат, достоен за почит?

Цане Мојаноски, универзитетски професор и поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, смета дека е неопходно да се отвори општествена дебата за редефинирање, но и за реафирмација на моралните начела и вредности, при што значајна улога треба да имаат медиумите, образованието, семејството и верските институции.

„Денес сме во безидеен простор, со нејасна морална и вредносна матрица, исполнета со поттик на нехуманите постапки и со отсуство на човекољубие и дејствија кои ќе водат кон нов вид на вредности, засновани на слободната волја и убедувањето дека правењето добро е човечка доблест. И, дека грижата за Човекот е највисоката вредност која треба да се развива во заедницата и меѓу луѓето одделно“, укажува Мојаноски.  

Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-allianc/dpa/G. Licovski

Според него, во услови на релативизиран однос кон институционалната структура, се гради и нејасен, недоречен однос и кон институциите кои имаат традиционално и силно морално кредо - како што се верските институции, како што е Црквата.

„Доволен индикатор за тоа е нашиот став кон инцијативата за бадникарските огнови. На сцена е став дека ни недостасува морална вертикала. За нас се е релативно. Ние се знаеме. Себеси сме си доволни. Во такви услови верските лидери се немоќни и не секогаш најдобро се снаоѓаат во новите услови. Тие се маргинализирани. Внатре поделени, па и раскарани. Економски се слаби, а организациски нејасни и недоволно ефикасни. И на сцена се манифестни облици на нивна повлеченост, нивно сведување на церомонијални структури, кои по потреба се повикуваат да ја јакнат 'моралната кохезија' или преземаат некои акции кои не се секогаш докрај со филозофија на нивното постоење или со принципите на нивното учење“, оценува Мојаноски.

Оној кој сака, не може да мрази!

И изминатата година, како и тие пред неа, беа исполнети со динамични општествени настани, кои на површини ги изнесоа сите симптоми на растечка култура на длабоки поделби, поларизација, говор на омраза...Добриот збор, дијалогот, разбирањето и простувањето, драматично изчезнуваат од македонското секојдневие. Овие загрижувачки состојба „произведуваат“ пораки во литургиите и беседите. На нив се осврнува и струмичкиот митрополит Наум.

„Заповедта за љубов кон ближните не ги исклучува ни непријателите. Напротив, љубовта кон непријателите е единствената прецизна мерка и критериум за љубовта кон Бог и кон секој човек (Матеј 5, 44). Со други зборови, колку го љубиме оној што ни прави зло, толку ги љубиме и Бог и својот ближен - ни помалку, ни повеќе. Да не се лажеме себеси... Оној кој ја има љубовта како дар на благодатта на Светиот Дух, не може истовремено и да мрази. Љубовта кон секој човек, вклучувајќи го тука и непријателот, е подвиг без кој не можеме духовно да растеме. Во овој живот никого не можеме апсолутно да го напуштиме или да го отфрлиме, ако сме Христови“, поучува владиката.

Weihnachten Weihnachtsbrauch Bildergalerie MSOE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ако овие поуки стигнат до секој граѓанин, без разлика дали е верник или не, Македонија ќе биде многу спокојна, радосна и бериќетна земја.

„Христос се раѓа во срцата и ги исполнува со љубов, се роди како човек за и ние да се родиме во Бога“, вели г.г. Стефан.

„Тој им е потребен на сите генерации во сите времиња, за да ги решиме сите недоразбирања, да ги премостиме сите меѓусебни далечини и да ги надминеме сите разлики меѓу нас. А за да го постигнеме тоа, потребна ни е силата на Христовиот дух кој од секого прави нов човек“, порача поглаварот на МПЦ-ОА.