1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Се зголемува бројот на напади врз странци во Полска

Паул Фликигер
5 август 2017

Малкуте странци во Полска речиси секојдневно се цел на напади. Опозицијата за ова ги обвинува владејачките конзервативци. Владата ретко кога се дистанцира од расистичките напади.

https://p.dw.com/p/2hcaY
Polen Rassismus FLüchtlinge
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Се случи среде бел ден во центарот на Варшава: со зборовите „Оди си од Полска!" еден маж му се закани на Виетнамец притоа притискајќи му го пиштолот на грбот. Нападот заврши без последици, полицијата соопшти дека не станувало збор за вистински пиштол. Виетнамецот се извлече со стравот, на напаѓачот му се заканува судски процес.

Непријателско расположение кон странци

Порано ретко се случувало во Полска странци да бидат понижува или тепани - но, бројот на вакви случаи во последно време бележи алармантна тенденција на пораст. Забележана е дури и појава на смртни закани предизвикани од омраза кон странци, како што беше случајот со еден имам во западната метропола Познан. Јусеф Хадид од 1996-та има полски пасош, претседател е на Советот на Муслиманската лига во Полска. Но, тоа нималку не го штити од мејлови со закани или повици со слична содржина. "Сакаат да се ослободат од мене и затоа катадневно ми се закануваат", се жали Хадид. Доколку ситуацијата продолжи да се одвива така, тој дури и размислува да се пресели во друга земја.

Во медиумите кои се критички поставени кон власта се дебатираше и случајот на една ученичка од Берлин која за време на екскурзија во источниот полски град Лублин беше исплукана на сред улица. Според неа, полските полицајци само се насмеала кога побарала од нив помош. И втора полициска екипа само го релативизирала нападот. По реакцијата на омбудсманот Адам Боднар јавното обвинителство покрена истрага: притоа ќе се разгледува самиот настан, но и непреземањето ништо од страна на полицијата.

Demonstration der rechtsextremen Partei Nationale Bewegung in Warschau
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Dabrowski

Но, омбудсманот Боднар во меѓувреме и самиот стана мета на притисоци: неофашистичката групација Национално-радикален блок поднесе пријава против него. На деснорадикалната партија "Право и правдина" поранешниот адвокат за човекови права веќе подолго време и е трн во око. Боднар е меѓу последните врвни членови на контролните органи избран од минатата десно либерална влада, кој се уште е во служба.

Владата не помага

Боднар уште од 2016-та предупредува од растечката омраза кон муслиманите во Полска и бара од владата да преземе мерки за искоренување. Но, ништо не се случува. Напротив: владините претставници најчесто молчат. Ретко кој крева глас против расистичките напади и постапките на деснорадикалните групи. Министерот за внатрешни работи, Мариуш Блашчак, по нападите против продавачи на ќебапи во Елк на почетокот на годината изјави дека многу Полјаци имале „страв од исламот поради терористичките напади во западна Европа."

Расположението кон странците се влошува. Организацијата за мониторинг на расистичко и ксенофобно однесување известува дека некои од нападите дури биле насочени кон Полјаци кои поради „јужњачкиот изглед" ги помешале со Арапи.

„Севкупно бележиме енормно зголемувања на расистички напади, по бројност и по степенот на тежината на делата", вели Конрад Дулковски од Организацијата за мониторинг на ксенофобијата. Дулковски притоа ова јасно го поврзува со преземањето на власта од конзервативците пред една ипол година. Во моментов организацијата дневно добива од 30-100 мејлови со жалби. Слична вознемирувачка слика се добива и од полицискиот билтен. Од 2010-та до денес бројот на расистички мотивирани напади е шестократно зголемен. Во 2016-та според официјални извори имало 700 пријавени дела.

Од Организацијата за мониторинг се жалат дека многу од расистички мотивираните напади воопшто не се процесираат. „Државните органи се обидуваат да прикријат дека омразата кон странци која им помогна на конзервативците да дојдат на власта во меѓувреме е надвор од контрола", смета Дулковски.

Расположението во предизборната кампања во 2015-та

Конзервативците во предизборната кампања во 2015-та ги напаѓаа мигрантите од Блискиот Исток и Африка. Кога бегалската криза во ЕУ ја достигна кулминацијата партијата на Качински беше против прифаќањето на околу 7 илјади „бегалци по квота" од камповите во Грција и Италија, иако тогашната десно либерална влада се согласи. Шефот на партијата, Качински, дури и ги потпалуваше стравовите од епидемија на колера преку бегалците, односно напади врз полските жени од нив. Врвните кандидати на партијата исламот го оквалификуваа како „главна опасност" и извлекуваа директна поврзаност меѓу бегалскиот бран и терористичките напади во Брисел и Париз. Тоа пак придонесе за несигурноста меѓу населението.

Тоа што токму Германија со својата „култура на добредојде" сакаше да ги придвижи и останатите членки на ЕУ да прифатат бегалци, посебно ги разгневи припадниците на полската десна сцена.

Polen Jaroslaw Kaczynski in Warschau
Јарослав КачинскиФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Keplicz

Варшава до денес му префрла на Берлин дека зборувал во име на Европа за бегалската криза.

По преземањето на власта во 2015-та и тоа е една од причините поради кои партијата на Качински прави штимунг против „политичката коректност" и „левиот ЕУ естаблишмент". Во '90-тите години Полска прифати десетици илјади чеченски муслимански бегалци. Денеска пак дури и чеченските семејства со мали деца на полско-белоруската граница ги одбиваат дури и во можноста да поднесат барање за азил. Во јавноста речиси и нема реакции дури ни за ваква очигледна повреда на човековите права.

Според податоците на Централната служба за странци сепак бројот за барања за регулирање на престој од 2015-та е зголемен за 86 проценти. Украинци, Белоруси, Индијци, Кинези и Виетнамци го сочинуваат најголемиот дел од нив.