1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се буди и „мрачната страна“ на Германија

АШ/сн/дпа/ртр/афп28 декември 2015

При приемот на бегалците во Германија и политичарите и медиумите истакнуваат дека земјата е подготвена да се соочи со предизвикот. Но исто така, за жал, рапидно расте и екстремизмот и бројот на напади врз странците.

https://p.dw.com/p/1HUOh
Фотографија: picture-alliance/dpa/SDMG/Friebe

Ни божиќните празници во Германија не поминаа без напади врз прибежиштата каде се сместени или се планира да бидат сместени бегалците. Беше запалено градилиште во Гминд, во покраината Баден Виртемберг, нападнати беа две сместувалишта во покраината Саксонија и во градот Дрезден, а запалени се и две куќи во баварскиот Велерштајн во кои живеат лица со странско потекло. Сето тоа само за изминатите неколку дена од божиќните празници, кои се всушност празници на мирот и љубовта кон блиските.

И покрај неброените примери на пожртвувано прифаќање на бегалците, на министрите за внатрешни работи на германските покраини им је јасно дека сѐ посилна станува и онаа другата, мрачната страна земјата. Бројот на напади засилено расте и така до средината на декември беа забележани вкупно 850 напади на прибежишта каде се сместени бегалци- четирипати повеќе отколку минатата година. Додуша, годинава во Германија дојдоа многу повеќе бегалци отколку лани, но секој напад е еден премногу. А во покраината Северна Рајна Вестфалија бројот на напади пораснал дури шесткратно - на 187. Тоа е развој кој министерот за внатрешни работи на оваа покраина Ралф Јегер го смета за голем срам.

Истовремено расте и бројот на случаи на насилство предизвикани од омраза кон странците, кој во изминатите пет години години пораснал за 50 проценти. Според извештаите на министрите, буквално секој ден некаде во Германија некој е жртва на напад затоа што е странец: од почетокот на октомври забележани биле 389 такви напади со 300 повредени.

Schwäbisch Gmünd Brand in Flüchtlingsunterkunft,
Фотографија: picture-alliance/dpa/SDMG/Friebe

Сите стануваат помилитантни

Ова се бројки кои не им даваат мир како на покраинските министри за внатрешни работи, така и на Службата за заштита на уставниот поредок во Германија. Додуша, веќе десет години забележлива е „постепена радикализација“ меѓу екстремната десница-,ама и кај левицата, а тука се и фудбалските навивачи, предупредува министерот за полиција на покраината Мекленбург Предна Померанија, Лоренц Кафие. И тој смета дека засиленото доаѓање на бегалците уште повеќе ја спушти границата на која ваквите екстремисти се подготвени на насилство.

„Сите стануваат помилитантни, а значително порасна и бројот на собири и демонстрации кои поттикнуваат нетрпеливост и омраза кон странците“, предупредува и министерот Јегер. Сѐ поголема омраза кон странците е забележлива и на интернет ,каде исто така сѐ почесто се повикува на насилство, предупредува министерот за внатрешни работи на покраината Баден Виртемберг, Рајнхолд Гал.

Министрите за внатрешни работи од сите 16 германски покраини се согласни дека крајната десница лесно би можела да зајакне поради сѐ повеќето бегалци во земјата. Веќе се гледа како тие се обидуваат екстремистичките пароли и пораки да ги прошират меѓу граѓаните кои инаку му припаѓаат на политичкиот центар, но се чувствуваат несигурни поради толкавиот број странци кои доаѓаат преку границата.

И политичарите треба да бидат појасни

Исто така, министрите се согласни дека задача на политиката во Берлин е на граѓаните јасно да им каже што размислува и како мисли да ги интегрира сите тие луѓе во германското општество и оти само тоа е начинот да се одврати опасноста од ширење на екстремизмот. „Не е доволно само да се каже 'ќе успееме', туку државата мора да покаже како ќе успее во тоа и да каже како планира да го оствари тој успех“, вели и претседателот на владата на покраината Долна Саксонија, Стефан Вајл.

Österreich Deutschland Grenze Nähe Bayern Passau Polizei Flüchtlinge Migranten Asylbewerber
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

И министерот за внатрешни работи на оваа покраина Борис Писториус предупредува дека политичарите мора да бидат отворени и да им помогнат на граѓание кои се загрижени и чии грижи мора да бидат разбрани. Нема смисла некој да се турка во екстремната десница само затоа што е загрижен дека општеството нема да може да ги интегрира сите тие бегалци и оти едноставно ги има премногу.

Министрите за внатрешни работи на германските покраини не можат лесно да кажат што можат надлежните служби да сторат за запирање на трендот на јакнење на екстремната десница. Тие се прилично согласни во оценката дека нема премногу смисла да се воведуваат построги казни, но секако може да се помогне со законско гонење, особено кај случаите на ширење омраза преку интернет. Но сѐ на сѐ, останува исклучиво на самите граѓани да сфатат дека нивната загриженост може да биде разбрана, но и оти учеството на протести против припадници на други народи и вери ги поддржува идеите и екстремистичките идеологии кои речиси сигурно самите не ги застапуваат.