1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ не ги прифаќа предлозите на Груевски

СН/АТ/миа25 август 2013

Опозицискиот СДСМ ги отфрли двете опции што синоќа ги понуди премиерот Никола Груевски, откако во договорениот рок ад хок Комисијата за случувањата од 24 декември не успеа да постигне согласност и да изготви извештај.

https://p.dw.com/p/19Vsg
Фотографија: Petr Stojanovski

Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска денеска на прес - конференција го повика ВМРО-ДПМНЕ да се согласат со формулацијата за прекршување на Уставот со исфрлање на новинарите од собраниската галерија.

Што се однесува до изборите, таа посочи дека, обврска од мартовскиот извештај е создавање фер претпоставки за изборен натпревар.

„Презедовте обврска за усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за прочистување на избирачкиот список. Тие обврски не ги реализиравте“, рече Шекеринска, додавајќи дека ако утре се распушти Собранието на РМ, СДСМ ќе ги искористи сите демократски средства кои и стојат на располагање.

Според неа, ниту првата, ниту втората опција кои ги понуди премиерот Груевски немаат врска со ЕУ и нејзиниот извештај.

„Груевски бега од одговорност, од договореното и не нуди решение“, изјави Шекеринска, додавајќи дека народот и ЕУ не сакаат партиски извештај и затоа СДСМ нема таков да прифати. Предвремените избори, како што рече, зависат од парламентарното мнозинство. „Двете опции се само алиби за критиките кои ги очекува во европскиот извештај“, додаде Шекеринска.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера понуди две решенија. Едното СДСМ со надгласување да изгласа извештај со правни формулации за настаните од 24 декември какви што сака, а доколку претседателот на ад хок Комисијата Борче Давитковски не сака да гласа на таков начин, да изберат нов кој ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа однапред, а второто во понеделник на вонредна седница да се распушти Парламентот и да се распишат предвремени парламентарни избори кои би се одржале на 13 октомври, пред Македонија да го добие извештајот од Европската комисија.

Ова се двете решенија што премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги понуди откако во договорениот рок ад хок Комисијата за случувањата од 24 декември не успеа да постигне согласност и да донесе извештај.