СДСМ бара гаранции
22 јули 2008ВМРО ДПМНЕ подготвува одговор на последното барање на СДСМ, во кое опозицијата бара писмени гаранции од власта по три прашања како услов за враќање во парламентот.
СДСМ ќе го прекине бојкотот ако ВМРО ДПМНЕ гарантира систем што ќе овозможи различни мислења во парламентот, ако нема спектакуларни апсења и ако власта е подготвена на нова расправа за деловникот, изјави потпретседателот на СДСМ Јани Макрадули. По вчерашната одлука на СДСМ, речиси е извесно дека во сабота ќе биде избран нов состав на владиниот кабинет без присуство на опозицијата во парламентот.
Не е исклучено да се вклучи и меѓународниот фактор во обид да ја убеди опозицијата да се врати во парламентот. Аналитичарите ја критикуваат актуелната политичка клима во Македонија како кревка со можност за дестабилизација, ако опозицијата остане на одлуката за бојкот. Со таков парламент, Македонија на есен нема да добие позитивен извештај од ЕУ.