1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светски ден на слобода на медиумите

3 мај 2009

Светот денеска (03.05.2009) го одбележува Денот на слобода на медиумите. Бројот на напади врз новинари, во изминатата година бил толку голем, што генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун зборува за „шокантни размери“.

https://p.dw.com/p/Hisc

Првиот човек на светската организација бара поголема почит кон слободата на медиумите во светот. Бан Ки Мун во неговото соопштение по повод Светскиот ден на медиумите - 3 мај, пишува дека во 2008 година биле убиени 41 новинари во текот на извршување на нивните професионални задачи, додека од почетокот на годинава досега, се убиени дури единаесетмина. Во затвор, ширум светот, се 125 новинари, од кои дел одлежуваат долгогодишни затворски казни. Најголемиот дел напади врз новинарите и соработниците на медиумите, како и прекршувања на слободата на медиумите се вршат во Кина, Куба и Еритреја, се вели во соопштението на генералниот секретар на ОН.

На жртвите да им се даде „лик и глас“

„Без слобода на медиумите жртвите остануваат невидливи“- под вакво мото се одвива кампањата на организацијата „Репортери без граници“ во Германија, која годинава прославува 15 години од постоењето. Репортери без граници, по повод Светскито ден на слободата на медиумите, во Берлин, пред Бранденбуршката порта одржа протести со цел да го сврти вниманието на јавноста и да ја сензибилизира за проблемот. Организацијата констатира дека „корупцијата, злоупотреба на функцијата, верски, етнички или сексуален прогон и многу други злосторства остануваат нерасветлени, доколку на жртвите не им се даде лице и глас“. Во многу земји во светот, според Репортери без граници, репортерите го ставаат својот живот на коцка кога се обидуваат да расветлат злоупотреби или злосторства. Затоа, организацијата протестираше во Берлин против цензура и прогон на новинари и побара поголема и подобра заштита на медиумите и нивните вработени. По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, „Репортери без граници“ во Германија објави листа на 40 најголеми непријатели на слободата на печатот, меѓу кои нема само влади, туку и парамилитарни и терористички групи, бунтовници и мрежи на криминалци. Оваа година, нова на листата е Италија, каде десетмина новинари се под полициска заштита поради закани од мафијашки групи.

BdT Aktion zum Internationalen Tag der Pressefreiheit
Протести на „Репортери без граници“ во БерлинФотографија: picture-alliance / dpa

Македонија е делумно слободна земја за медиумите

Инаку, на листата земји за почитувањето на слободата на медиумите, што секоја година ја објавува непропфитната организација со седиште во Вашингтон, „Фридом Хаус“, Македонија се најде на 98 место, односно меѓу делумно слободните земји. Македонија со добиената вкупна оценка 47, го дели 98 место заедно со Босна и Херцеговина, од вкупно 195 држави рангирани во извештајот на непрофитната организација со седиште во Вашингтон. Извештајот го проценува степенот на слобода на печатените, електронските медиуми и интернетот, а оценките се темелат врз законската, политичка и економска средина во која што работат новинарите.
Според извештајот, кој е објавени спроти Светскиот ден на слободата на медиумите 3 мај, 70 држави се рангирани како слободни, 61 како делумно слободни, а 64 како неслободни земји. Најголем пад во 2008 година бележат Израел и Италија, кои од слободни, преминаа во делумно слободни земји, а извесно назадување бележат и земјите на централна и источна Европа и на поранешниот Советски сојуз. Првите пет места на листата ги заземаат Исланд, Финска, Норвешка, Данска и Шведска, додека последни се Мјанмар, Туркменистан и Северна Кореја. Според извештајот, само 17 отсто од светската популација живее во држави, во кои медиумите уживаат целосна слобода.

Symbolbild Unterdrückung der Pressefreiheit
Врз медиумите во голем број земји се врши притисокФотографија: picture-alliance / dpa

Автор: ЕМФ/кна/отс/макфакс