1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санкции за Иран; „зелено светло“ за Исланд од ЕУ

26 јули 2010

Нови санкции за Иран и почеток на преговорите за членство со Исланд. Ова беа двете клучни одлуки кои во Брисел ги донесоа шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ. Конечно ќе стартува и новата дипломатска служба

https://p.dw.com/p/OUwN
Кетрин Ештон може да здивне. Одобрена е новата дипломатска служба на ЕУФотографија: AP

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел дадоа зелено светло за почеток на пристапни преговори за членство во Унијата со Исланд, но побараа од Рејкјавик и да го реши спорот со Холандија и Британија околу обесштетувањето на нивните штедачи во пропаднатите исландски банки. Преговорите ќе почнат уште утре, а со нив ќе бидат опфатени 30 поглавја. Британската и холандската Влада досега неуспешно бараа од Исланд да им исплати повеќе милијарди евра долг на нивни граѓани, но Исланѓаните ја одбија таквата можност на референдум. Се очекува во преговорите „копјата да се кршат“ и околу политиката на ЕУ за риболов и лов китови. Исланд ќе мора да се придржува до правилата на Брисел и да дозволи влез во земјата и на странски компании и да запре со ловот на китови.

На денешниот состанок е донесена одлука и за формирање на дипломатската служба на Европската унија, која досега беше одложувана поради внатрешните превирања во Унијата. Со службата веќе раководи Британката Кетрин Ештон, која до крајот на неделава ќе ги именува и 30-амбасадори на Унијата во светот. Се очекува службата, која ќе има околу 6 илјади вработени, во целост да профункционира на првата годишнина од Лисабонскиот договор, на 1 декември годинава.

Шефовите на европските дипломатии ги потврдија и новите, построги санкции против Иран, поради нуклеарната програма на Техеран. Новиот пакет рестриктивни мерки ги опфаќа трговијата, финансиските услуги, енергијата и транспортот. Според одлуката, санкциите вклучуваат и забрана за нови инвестиции, техничка помош и трансфер на технологија во областа на нуклеарната, но и во нафтената и гасната индустрија.

автор: БГ/ГЧ/ројтерс/дпа

редактор: Зоран Јордановски