1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Санадер осуден на девет години затвор

ЕМФ/бета11 март 2014

Поранешниот хрватски премиер и лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Иво Санадер, денеска (11.03) е осуден за корупција на вкупно 9 години затвор.

https://p.dw.com/p/1BNEs
Фотографија: Reuters

Иво Санадер ќе мора да врати и околу 15 милиони нелегално стекнати куни (околу два милиона евра). Тие пари ќе бидат одземени од банкарските сметки на Санадер кои се блокирани, но и од сметките на членовите на неговото семејство.

Со пресудата на загрепскиот суд, ХДЗ, како прва партија која се товари за корупција, е прогласена за виновна и ќе мора да врати околу 24 милиони куни.

И останатите лица обвинети во случајот Фими-медија се прогласени за виновни за здружување, по налог на првообвинетиот Иво Санадер, и за извлекување пари од државни институции и претпријатија.

Второобвинетиот Младен Баришиќ, поранешен благајник на ХДЗ и шеф на царината, кој тврди дека се‘ работел по налог на Санадер, е осуден на три години затвор, колку и што бараше обвинитeлството.

Книговодителот на ХДЗ, Бранка Павошевиќ, е осудена на 1,5 година затвор, а сопственичката на маркетиншката агенција Фими-медија, Невенка Јурак, преку која се извлекувани парите, е осудена на две години затвор.

Поранешниот портпарол на хрватската влада и на ХДЗ, Ратко Мачек, доби условна казна затвор во траење од една година.

Во најголемиот корупциски случај во хрватската политика, Санадер и ХДЗ, заедно со уште девет физички и правни лица, од страна на обвинителството беа обвинети за извлекување на околу 10 милиони евра од државни претпријатија и институции преку маркетиншката фирма Фими-медија. Најголемиот дел од парите наводно завршил во „црн фонд“ на ХДЗ и кај Санадер. Судењето траеше околу две години, а беа испрашани околу 300 сведоци.

Иво Санадер кон крајот на 2012 година беше неправосилно осуден на единствена казна затвор за примање мито и воено профитерство.