1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виена - скромни резултати, лажна хармонија

Обработка. З. Јордановски28 август 2015

Првобитната цел на самитот за Западен Балкан падна во сенка на бегалската трагедија, оценува германскиот печат. Во фокусот на пишувањето и македонскиот премиер Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/1GNPh
Фотографија: DW/E. Numanovic

„Резултатите на конференцијата за Западен Балкан останаа во втор план со оглед на веста за многумина мртви бегалци. Но, немаше ни многу што да се објави“. (...) Тие резултати, настрана од изјавите на добра волја од сите страни, на хартија изгледаат повеќе скромни“, оценува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) во еден од неколкуте прилози посветени на самитот во Виена. Наведени се првенствено проектите со волумен од 600 милиони евра „за подобрување на инфраструктурата во регионот, кои не само во техничка смисла треба да постигнат поврзувачки ефект“. Покрај тоа, издвоен е и договорот за формирање младинска мрежа од „државите-наследнички на Југославија, која крваво се распадна, и од Албанија, која треба да придонесе за помирување, како меѓу Германија и Франција по Втората светска војна“.

Но, прогресот на овој процес за Западен Балкан не може да се мери само според оваа конференција, нагласува весникот и ги наведува средбите и ракувањата на српскиот и на албанскиот премиер, како и договорот меѓу Србија и Косово постигнати непосредно пред конференцијата. „Но, дека и покрај тоа не е се’ толку хармонично во меѓусебните односи на соседите во Југоисточна Европа, зборуваа двајца министри за надворешни работи: српскиот, Ивица Дачиќ, побара - не именувајќи ја Хрватска - меѓусебниот респект да не се изразува само од година во година на вакви средби, туку да се покажува и во времето помеѓу. А македонскиот, Никола Попоски, укажа дека некои земји, околноста дека се веќе членки на ЕУ, ја користат ’како голема бејзбол-палка‘ против земјите-кандидатки. Тоа, се разбира, се однесува на Грција, која за разлика од Хрватска, воопшто не беше застапена во Виена“.

Konferenz Österreich Wien Balkan
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Tatic

Никола Груевски - „одброен“ или...

„ФАЦ“ му ја посветува на македонскиот премиер Никола Груевски, еден од учесниците на самитот во Виена, белешката „Одброен“, во која се вели: „Барем на фудбалскиот терен Никола Груевски е ѕвезда. (...) Неговиот тим победи со 4:2. Тој постигна два гола, но се повреди. (...) Надвор од стадионот одвај некој да го поздравува Груевски со ликување. По насилните протести и масивниот притисок од странство, национал-конзервативниот политичар, кој себеси се сфаќа како демохристијанин, мораше да најави оставка за во јануари 2016. Со тоа економистот го отвори патот за нови избори, две години пред редовниот термин. (...) Македонија предводена од Груевски, кој в понеделник ќе наполни 45 години, не напредува. Некогашната земја за пример страда од корупција, правна несигурност, непотизам, организиран криминал. Повод за државната криза беа телефонските снимки, за кои се чини дека потврдуваат оти владата и администрацијата можеби иницирале фалсификување на изборите, вршеле влијание врз судовите и прикривале тешки злосторства. Поврзана и со економска бесперспективност - секој трет живее под границата на сиромаштијата, невработеноста кај младите изнесува 54 проценти - политичката нестабилност тера се’ повеќе луѓе да си одат. (...)

Тоа што Груевски, неспорниот водач на националистичката владина партија ВМРО, во минатото повеќепати капитулира, не мора да значи и негов политички крај. Дотолку повеќе, што и социјалдемократите кога беа на власт, исто така не беа примерни момци. Ако Груевски успее во рамките на ’Берлинскиот процес‘ да ја доближи неговата земја до ЕУ и да донесе повеќе европски пари, и натаму ќе се слуша за него“, заклучува „ФАЦ“.

Самоинсценирање на Груевски

„Конференцијата за Западен Балкан всушност требаше да шири оптимизам, но не испадна ништо од тоа“, оценува „Зиддојче цајтунг“ и на почетокот од текстот се навраќа на фудбалскиот натпревар меѓу политичарите од Западен Балкан и оние од ЕУ.

Österreich Fußballspiel FC-Future EU vs. FC-EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Pfarrhofer

„Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц (...) беше воодушевен: ’Овде играат заедно во еден тим некогашните воени противници!‘ Но, натпреварот фактички покажа и колку многу во политиката на Балканот уште е присутна атмосфера на младински клуб. А на политичарите им даде и перфектна бина за самоинсценирање.

Така македонскиот премиер Никола Груевски, кој поради корупциски скандал е под силен притисок, можеше дома да испрати фотографии од славје. Таму е масивно ограничена слободата на печатот. На конференцијата беа акредитирани само двајца македонски новинари. Во медиумите на земјата, консеквентно, во известувањето за самитот доминира дека премиерот постигнал два гола. (...)

Таканаречениот Берлински процес (...) бавно напредува. Предизвиците од 2014. постојат и во 2015. година: економската мизерија предизвикува отселување на стотици илјади луѓе од нивните татковини. Терористите од Исламската држава и на Балканот придобиваат приврзаници. Земјите се растргнати меѓу Русија и ЕУ. (...) Фактички проблемите побргу се влошени, отколку подобрени. А сега и европската бегалска криза, така да се каже, како колатерална штета му се надоврза на Западен Балкан. Со оглед на речиси две илјади бегалци, колку што во моментов секојдневно се обидуваат да минат низ Македонија и Србија, прашањето за можен пристап на западнобалканските држави кон ЕУ запаѓа во втор план“, известува, покрај другото, „Зиддојче цајтунг“.

Погрешна игра околу Западен Балкан; назад кон визијата

Во коментарот за самитот во Виена „Берлинер цајтунг“, покрај другото, истакнува: „Моќните во Европа сакаа да покажат дека би сакале колку што е можно побргу да ги имаат балканските земји во ЕУ. Тоа сакаа само да го покажат, инаку нив не ги сакаат таму. Не е тема натамошно приближување кон ЕУ, туку изолација. (...) Но, барем една мисла од изминатата недела никој не ја изусти на Виенската конференција: имено, на Балканот, посебно во Србија, уште да се уреди и логор за стотици илјади бегалци и така да се направи за секого разбирливо дека тие земји за прием никогаш нема да дојдат во ЕУ“.

Визиите потонаа во секојдневниот бизнис, коментира „тац. ди тагесцајтунг“ од Берлин: „Речиси е заборавена и конференцијата на ЕУ во Солун од 2003. година. Тогаш на државите-наследнички на Југославија, и на Албанија, им беше ветено дека ќе им биде трасиран патот кон ЕУ. Луѓето се надеваа, водечките политичари сакаа да ги прифатат условите: демократизација, правна држава, човекови права и толеранција спрема религиите. Владееше надеж дека ќе се стане дел од една мирољубива и обединета Европа. Вицот кој наскоро потоа кружеше во Сараево, стана потиштувачка вистина: ’Ако Европа не дојде кај нас, ние ќе дојдеме во Европа‘. Надежите на Балканот испаруваа во таа мера, во која Европа на ЕУ се демонтира самата себе си. Визиите потонаа во дневниот бизнис, во бесплодни кавги околу финансиската помош и еврокризата. Европа ја загуби вербата во себе. Зацврстувањето на турбокапитализмот и на корумпирани режими на Балканот го сторија преостанатото.

Ѕидови тука нема да помогнат. (...) Европа мора да излезе од ситничарското размислување и да се врати кон визиите“, заклучува „тац“.