1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема причина за фалење со договорот за бегалците

Бернд Греслер/превод: З. Јордановски6 ноември 2015

Спорот во владината коалиција во Германија околу идејата за транзитни зони е надминат - новото решение за кризата се „посебни установи за прифаќање на бегалците“. Ни оваа идеја не ветува многу, смета Бернд Греслер

https://p.dw.com/p/1H15m
Фотографија: picture-alliance/dpa/Arm in Weigel

Добро е што ќе нема надгледувани огради или ѕидишта зад кои илјадници бегалци „во транзит“, без формално-правно да се влезени во Германија, би морале да чекаат на одлуката за нивно протерување. Такви „транзитни зони“ предложи баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ). Тоа беше побргу беспомошен обид за преоптоварената покраина Баварија што е можно побргу да се ослободи од новодојдените кои се „без перспектива да останат“. Но, логори од тој вид, колку и да немаат никаква сличност со Гвантанамо или со некогашните концентрациони логори, сепак не се само правно спорни, туку се и несоодветни на времето.

Но, ЦСУ сепак успеа да ја наметне својата намера за конечно да се организира подобро насочување и контрола на реката бегалци кои доаѓаат во Баварија. Наместо „транзитни зони“ сега ќе има „посебни установи за прифаќање на бегалците“, во кои по брза постапка ќе се врши регистрација и проверка. Бегалците ќе можат слободно да се движат, но ќе мораат да останат во тој округ. Ова се предуслови за проверка на нивното барање за азил и за одобрување на социјална помош. Можно е некои - веројатно и не толку малку - новодојдени сепак да ја избегнат таа процедура и да исчезнат оти знаат дека немаат шанси да добијат азил. Последните недели веќе илјадници бегалци влегоа во Германија без да бидат регистрирани. Со време ќе се покаже каков ќе биде односот кон нив. Шпанија со децении постојано легализира илјадници луѓе без лични документи, кои сепак во меѓувреме успеале да се интегрират во општеството.#b

Разумна согласност, но ништо повеќе од тоа

Коалицијата, значи, постигна разумна согласност. И покрај тоа, таа нема основа да се фали со својата способност да дејствува. Оти, додека општо се очекува забрзано темпо кај згрижувањето на бегалците, обработката на барањата за азил и - секако и тоа - протерувањето на бегалците без право на престој, политичарите Зехофер, Меркел и Габриел беа на пат да се загубат во вообичаените меѓупартиски кавги.

Коалицијата нема основа за фалење од уште една причина: дури и ако регистрацијата на бегалците подобро функционира и протерувањето се одвива побрзо, сепак тешко може да се држи чекор со темпото на бегалското движење во насока кон Германија. Се промени составот на реката бегалци - се’ помалку доаѓаат жители на таканаречените безбедни земји од Западен Балкан, за кои се предвидува брзо да бидат враќани назад дома. Сега доаѓаат, покрај бегалци од завојуваната Сирија, и по две илјади луѓе дневно од Авганистан, Ирак, Иран или Еритреја - се’ заедно земји кои не се безбедни. како што покажуваат досегашните високи коефициенти на давање азил во статистиката на Сојузната установа за миграција.

Авганистанците не треба да бидат враќани

Но, владината коалиција сега сака да ја преобмисли „практиката на решавање“ и да ги враќа назад Авганистанците, кои досега во Германија беа заштитени од протерување. Притоа се укажува на германската развојна помош за таа земја - како да не слушаме секојдневно за теророт на талибанците. Бундесверот, според новата замисла, треба во самиот Авганистан да создава „заштитени простори“, за Авганистанците да остана дома.

Сево ова звучи исто толку неубедливо, колку и токму закопаниот концепт за „транзитни зони“ во Германија. Опозицијата и хуманитарните организации ќе кренат бура против тоа. За сомневање е и дека идејата, со која очигледно се согласил и шефот на СПД Зигмар Габриел, ќе биде добро примена во неговата партија. Сигурно е само дека и натаму ќе биде ставена на тешка проба реченицата на Ангела Меркел за право на азил за политички прогонетите, кое нема бројчано ограничување.