1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Режимот на Асад користи хемиско оружје

ЖА/дв/дпа/ртре14 јуни 2013

САД првпат официјално потврдија дека сириската власт употребила хемиско оружје против бунтовниците. Вашингтон сега планира воена поддршка на опозицијата во борбата против властодржецот Башар ал-Асад.

https://p.dw.com/p/18p8W
Фотографија: AFP/Getty Images

Американскиот претседател Барак Обама уште пред повеќе месеци употребата на хемиско оружје од страна на власта во Сирија ја означи како „црвена линија“ преку која не може да се помине и му се закани на Асад со консеквенции. Но, досега САД беа воздржани во однос на тврдењата дека хемиско оружје веќе е употребено. Сега се чини дека „црвената линија“ дефинитивно е премината.

Американските разузнавачки служби заклучиле дека силите на сирискиот претседател Башар Асад користеле хемиско оружје во мал обем против бунтовниците во граѓанската војна во Сирија, соопшти Белата куќа. Проценката може да биде дополнителен притисок врз Вашингтон одлучно да одговори на кршење на она што Обама го нарече „црвена линија“.

„По детална проценка, нашата разузнавачка заедница процени дека режимот на Асад користел хемиско оружје меѓу кое и нервниот гас Сарин, во мал обем против опозицијата неколкупати во текот на минатата година“, изјави Бен Роудс, советник на Обама за национална безбедност.

Symbolbild Gift Giftgas giftiger Abfall Tonne Fass
Отровен гас употребен веќе неколку пати во Сирија?Фотографија: Fotolia/tiero

Според него, постои голема доверба во проценката на разузнавачките служби, земајќи предвид дека се користени повеќе извори за информациите. Проценките се дека „100 до 150 луѓе ги загубиле животите во напади со хемиско оружје досега во Сирија, но податоците за жртвите се најверојатно нецелосни“, како што тврди Роудс.

Претходно, Франција и Велика Британија го обвинија режимот во Дамаск за употреба на отровен гас против бунтовниците. Но, минатите месеци експерти на ОН укажаа на можноста и бунтовниците да поседуваат хемиско оружје и да го употребиле. Според сознанијата на ОН, најмалку четири пати во Сирија е користено хемиско оружје.

Републиканците во САД побараа конечно нешто да се преземе. „Црвената линија на претседателот е помината, се работи за веродостојноста на САД, време е за решителна акција“, изјавија сенаторите Џон Меккејн и Линдзи Греам. Меккејн, кој во 2008 година му беше противкандидат на Обама, побара испраќање на „тешко оружје, кое може да одговори на тенковските напади и ракети земја-воздух, кои ќе го обезбедат воздушниот простор“.