Намалени шансите за антитерор-коалиција
26 ноември 2015Францускиот претседател Франсоа Оланд, по разговорите со британскиот премиер Камерон, американскиот претседател Обама, германскиот канцелар меркел и италијанскиот премиер Ренци, денеска квечерина во Москва ќе се состане и со рускиот претседател Владимир Путин. По терористичките напади во париз Оланд се обидува да организира нова коалиција за борба против терористите на ИД (Исламската држава). Можно ли е, како во Втората светска војна, повторно САД, Франција, Велика Британија и Русија да се здружат против заеднички противник?
Руската елита во моментов најмногу од се’ посакува една таква коалиција со западни сојузници, како и востановување меѓународен воен суд според примерот на Нирнбершкиот. Тоа го кажа и Валентина Матвијенко, претседател на Советот на федерацијата - Горниот дом на рускиот парламент, во говорот по повод 70-годишнината од Нирнбершките процеси.
Русија бара историски паралели
Виктор Озеров, раководител на Комисијата за одбрана во Советот на федерацијата, деновиве озјави дека со формирањето коалиција против ИД не треба толку да се одолговлекува, колку со отворањето на западниот фронт во Втората светска војна. Притоа се мисли на десантот на сојузниците во Нормандија во 1944. година, што беше клучен воен чекор за една антихитлерова коалиција.
За Москва е добредојдена историската паралела со времето кога тогашниот Советски Сојуз заеднички со САД, Франција и Велика Британија ја зема в раце судбината на Европа. Русија настојува да се врати на големата меѓународна политичка сцена и нападите во Париз ги виде како шанса да го направи тој чекор, вели историчарот Герхард Зимон.
Денеска во Москва доаѓа францускиот претседател Оланд, кој всушност е за алијанса со учество и на Русија, која и самата доживеа терористички напад од ИД со соборувањето на патничкиот авион над Синај и 224-те жртви. До пред неколку дена шансите за таква коалиција не беа лоши.
Што се промени со соборувањето на бомбардерот?
По нападите во Париз, на бомбите што Русија ги фрлаше во Сирија пишуваше: „За Париз“. Претседателот Путин лично нареди руската војска да ја смета Франција за сојузник и сите акции во Сирија да ги координира со Париз. Но, соборувањето на рускиот бомбардер во пограничниот регион меѓу Сирија и Турција го искомпликува формирањето можна анти-ИД алијанса меѓу Русија и Западот и тоа сега е помалку веројатно отколку пред тоа, велат експерти.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажа за вчера предвидената средба со турскиот колега по функција во Истанбул. Коментаторите во Москва се воздржани во врска со посакуваната коалиција. На државната телевизија Франција и натаму се означува како „исклучок“, оти - како и Русија - води „вистинска“ војна против ИД. Рускиот воен експерт Игор Короченко рече: „Јадрото на коалицијата би биле заеднички напади врз цели што ќе ги определи нашето министерство за одбрана, координирање на заедничките акции и правење заеднички анализи“. Максим Јузин, колумнист на весникот „Комерсант“ смета дека и покрај „саботажата“ од турска страна, „треба да се продолжи дијалогот со Оланд и со другите западни партнери“.
Стари спорни точки
Но, на патот за коалиција меѓу Русија и Западот се попречуваат и други работи. Во однос на Сирија позициите се одамна јасни: Путин го смета сирискиот претседател Асад за сојузник, додека Оланд го означува како „касап на сопствениот народ“. Русија воено работи во полза на Асад, Западот - посебно САД и Франција го прават токму спротивното. Историчарот Зимон во разговор за ДВ прогнозира дека идејата за коалиција против теророт ќе пропадне поради тие изразито спротивставени интереси на потенцијалните коалиционери.
И Дмитри Тренин, раководител на Карнегиевиот центар во Москва, е скептик, оти смета дека во Вашингтон не се воодушевени од коалиција меѓу Москва и Париз. „САД/НАТО нема да и’ дозволат на Франција да оди предалеку во правец на вистинска алијанса со Русија“.